ЖАНЕТА ТРАЈКОСКА, Македонски институт за медиуми
Светскиот ден на слободата на медиумите е само потсетник дека слободата се троши ако не се бориме за неа и дека таа е есенцијата на новинарството. Не смееме да зборуваме за медиумските слободи и права само на вакви денови.
Секој ден мора да ја носиме вистината кај граѓаните, без оглед на сѐ. Мора да го држиме постојан притисокот кон институциите да бидат отчетни и транспарентни, но, не по нивен терк, туку во име на јавниот интерес.
Мора да сме подобри. Ковид-19 сурово нѐ потсети дека слободните медиуми се витални за секој од нас, посебно во состојба на криза кога човековите права се ограничени и многу држави функционираат во вонредна состојба.
Годинава, 3 Мај е фокусиран на новинарство без страв и услуги. Токму тоа и нас ни треба во Македонија – бестрашно новинарство ослободено од клиентелистички врски.
Поддршка за сите професионални новинари и медиумски работници.
Среќен 3 Мај – светски ден на слободата на медиумите!