Ретко кои мистерии од ерата на Трамп се толку интригирачки како мистеријата за тоа што 45-от претседател му има кажано на Владимир Путин во најмалку десетина залутани, од ракав истресени повици и состаноци во текот на четиригодишниот мандат. Јавноста и експертите подолго време се обидуваат дознаат што било кажано меѓу двајцата лидери, Трамп и Путин. Тие веруваат дека разговорите може да помогнат да се расветли тајната околу тоа дали Трамп открил чувствителни информации или направил какви било зделки со кремљскиот лидер што би можело да ја изненадат новата администрација.
Сега, кога претседателот Џо Бајден е во Белата куќа, самиот може да види за што се работи.
„Не им е потребно нашето одобрување за да ги видат тие (записи)“, истакна поранешен функционер на администрацијата на Трамп, мислејќи на новиот тим за национална безбедност на Бајден. „Бајден ги поседува сите материјали од повиците. Во исто време може да има само еден претседател“.
Администрацијата на Бајден не коментираше за тоа дали ја има видено содржината на повиците. Но засега, барем, Советот за национална безбедност нема регистрирано какви било поплаки околу нивната можност да пристапат до релевантни записи од повици од претходната администрација.
„Да се открие што Трамп му кажал на Путин во текот на неговиот четиригодишен мандат е приоритет на националната безбедност“, изјави еден поранешен претставник на националната безбедност кој е близок со новиот претседател. „Некои работи, како тоа што се има случено во некои лице-в-лице состаноци, каде не биле присутни ниту еден американски преведувач или записничар, можеби и никогаш нема целосно да се дознаат. Но, јас би бил многу изненаден доколку новиот тим за национална безбедност не се обидат да пристапат до записите од повиците.“
Трамп внимателно ги чуваше неговите приватни разговори со странски лидери додека беше на функција, одеше дури дотаму што некои ги криеше во строго доверливиот кодиран систем на Советот за национална безбедност, за да го ограничи пристапот на вработените и членови на кабинетот и да спречи нивно излегување во јавноста. Текстуални записи на повиците помеѓу Трамп и Путин често доаѓаа најпрво од Кремљ, или преку твитовите на Трамп на Твитер. Но, иако телефонските разговори не се снимаа, помошниците сепак најчесто беа на линија и фаќаа белешки од тоа што се кажуваше. Транскриптите кои резултираа се познати како „мемкони“ или меморандуми на конверзации.
Трамп навистина отиде далеку во заштитата на тајноста на неговите лични разговори со рускиот лидер, од конфискување на белешките на неговиот преведувач, па сé до целосно откажување на американски преведувачи и записничари да учествуваат на нивните состаноци. Таа потреба за тајност се прошири дури и по неговиот мандат. Еден поранешен функционер на Трамп минатата недела тврдеше дека записите од разговорите на Трамп со Путин, кои често траеле еден час или повеќе, не треба да бидат на располагање на неговиот наследник.
„Има некои работи за коишто претседателот и неговите најблиски соработници би требало да бидат привилегирани во вршењето на работата на владата, без да бидат предмет на постојана партиска игра“ изјави еден друг поранешен функционер на Трамп во Белата куќа.
Мемконите, вклучувајќи ги телефонските разговори на Трамп со Путин, се сметаат за претседателски записи и не беа ибришани пред 45-от претседател да ја напушти функцијата, рече еден поранешен функционер на Трамп во Белата куќа. Тие беа пренесени во Националната управа за архиви и записи на крајот на мандатот на Трамп, како што е вообичаено.
„Секако, не избришавме ништо и истите се во Националната управа за архиви и записи и се достапни“, истакна претставникот.
Кел Мекланахан, извршен директор на адвокатската канцеларија Советници за национална безбедност, е согласен за следната правна работа: „Единствената личност која може да бара извршна привилегија каде било, е претседателот којшто е на функција“, изјави тој. „Значи, буквално нема ситуација, ниту може да има, каде поранешен претседател може да го спречи претседателот кој е на функција да види некои работи“.
Интеракциите на Трамп со Путин и други руски претставници секако беа далеку од вообичаените внимателно „кореографирани“ разговори помеѓу светските лидери – Трамп на почетокот на неговиот мандат дури одеше дотаму што им откриваше класифицирани информации на руските дипломати во Овалната канцеларија.
Но, поранешни високи советници на Трамп велат дека ретко кога Трамп би кажал нешто на рускиот лидер што претходно веќе го немал јавно изјавено (или едноставно не би го кажал подоцна додека се жали за „руската измама“). Марина Грос, која преведувала голем дел од повиците и состаноците на Трамп со Путин, има кажано на соработниците дека слушањето на нивните разговори често било како да се прислушуваат двајца пријатели како разговараат во кафуле, според еден поранешен претставник.
Сепак, дипломатските кампањи во сенка, кои цветаа за време на администрацијата на Трамп се, исто така, приоритет за тимот на Бајден кој работи на тоа да ги разбере често неповрзаните политики во изминатите четири години. Несреќниот телефонски разговор на Трамп со украинскиот претседател Володимир Зеленски, што доведе до обид за неговиот прв импичмент, исто така, беше сокриен во тајниот систем на Советот за национална безбедност, како што беа и телефонските разговори на Трамп со саудиското кралско семејство.
„Ова е многу поголемо отколку само Русија и Путин“, истакна друг поранешен функционер на администрацијата на Трамп. „Тоа е проблем за новиот тим кој се однесува на сите– всушност, да се дознае што [Трамп] им ветувал на луѓе насекаде?“.
Џон Ајзенберг, поранешен врвен адвокат на Советот за национална безбедност во времето на Трамп, кој беше вклучен во ставањето на телефонските разговори во строго доверливиот сервер, ќе биде еден од претставниците на Трамп кој ќе раководи со некои од барањата за записите од страна на администрацијата на Бајден во Белата куќа, според лице кое е запознаено со ова прашање.
Прегледот за Русија на Советот за национална безбедност на Бајден делумно го води вршител на должноста висок директор за Русија и Централна Азија, Ерик Ерин, ветеран офицер за надворешни работи, чија специјалност со години беше Русија при Стејт департментот. Грин неодамна ја замени Андреа Кендал-Тејлор, која замина од лични причини.
Персоналот на Советот за национална безбедност на Бајден и на Трамп се консултирале во однос на многу прашања, вклучувајќи го и тоа за Русија, за време на смената на власта. А, претставници велат дека тоа било доста темелно. Во текот на деновите и неделите пред инаугурацијата на Бајден, персоналот во заминување на Советот за национална безбедност предале папки полни со материјали – вклучувајќи разузнавачки извештаи, стратешки документи и информации во однос на тековни операции – со цел да се олесни транзицијата.
Новиот тим за национална безбедност, исто така, интензивно ги испрашувале своите претходници околу обврските и залагањата што ги направила администрацијата на Трамп кон сојузниците и противниците, како и кон Русија. Некои од вработените на Трамп – пред сé лица од владини агенции на времена задача – останаа во Советот за национална безбедност и по 20 јануари, поради континуитет на владата и се од помош во одговарањето на прашања од новиот состав на Советот за национална безбедност.
„Навистина се потрудивме тоа да го сториме добро“, изјави вториот поранешен функционер на Трамп, кој учествуваше во процесот.
извор: POLITICO (објавено: 9.2.2021)
превод: Наташа Цветковска / ЦИВИЛ