Претседателот на САД, Доналд Трамп, и украинскиот претседател, Володимир Зеленски, денеска се сретнаа во Белата куќа во Вашингтон, на нивната трета средба оваа година. Средбата се одржа еден ден по телефонскиот разговор меѓу Трамп и рускиот претседател Владимир Путин, по што американскиот лидер најави нова средба со рускиот претседател во Будимпешта, Унгарија, во наредните недели.
Трамп изјави дека средбата со Путин ќе биде „двонасочна“, односно меѓу двете земји, но нагласи дека САД ќе останат во контакт со Зеленски. „Тоа ќе биде двонасочна средба. Но претседателот ќе биде во контакт со Зеленски. Има многу лоши односи меѓу двајцата претседатели и не претерувам кога го велам тоа“, изјави Трамп, пренесе Си-Ен-Ен.
Американскиот претседател додаде дека со Зеленски ќе разговара за можноста Украина да напаѓа цели подлабоко во руската територија. „Тоа е ескалација, но ќе разговараме за тоа денеска“, рече Трамп, без да наведе детали. Иако не ги спомена експлицитно, американските медиуми пренесуваат дека ракетите со долг дострел „Томахавк“ биле во центарот на разговорите.
На прашањето дали Украина би можела да отстапи делови од својата територија како дел од можен мировен договор, Трамп одговори неодредено: „Никогаш не се знае. Војната е многу интересна. Никогаш не се знае — со војна и мир, никогаш не се знае.“
Во своето обраќање на отворањето на работниот ручек, Зеленски му честиташе на Трамп за постигнатиот мировен договор за Газа, оценувајќи дека тоа е „добар моментум“ за мировен процес и во Украина. „Верувам дека со помош и ангажман на претседателот Трамп оваа војна може да се запре“, изјави Зеленски, додавајќи дека рускиот претседател Владимир Путин „не е подготвен за мир“.
Одговарајќи на новинарско прашање дали е подготвен на отстапки, украинскиот лидер рече дека најважно е „да се седне и да се разговара“. „Ни треба прекин на огнот. Дури и на Блискиот Исток е тешко да се одржи прекин на огнот. Подготвен сум да разговарам во кој било формат — билатерално, трилатерално, не е важно. Само мир — тоа е важно“, рече Зеленски.
Украинскиот претседател истакна и дека билатералните безбедносни гаранции со САД се „најважниот документ“, бидејќи „САД се многу силни“. Тој информираше и дека американските енергетски компании изразиле подготвеност да помогнат во обновата на украинската енергетска инфраструктура оштетена во последните руски напади.
На почетокот на средбата, Трамп го нарече Зеленски „силен лидер“ и рече дека „изгледа одлично во јакната“, додавајќи дека „имале важен разговор со Путин“ кој ќе биде тема на понатамошни консултации.
Средбата во Белата куќа заврши со заедничка изјава дека двете страни ќе продолжат со дијалогот за мир и безбедносна поддршка за Украина.