Американскиот претседател Доналд Трамп во објава на неговата платформа Truth Social изјави дека Кијив може да „ја врати цела Украина во нејзината оригинална форма“, што претставува голема промена во неговиот став за руската војна во Украина.
Во голем пресврт во однос на неговите претходни изјави, американскиот претседател вели дека Украина би можела да ги врати „оригиналните граници од каде што започна оваа војна“ со поддршка на Европа и НАТО, поради притисоците врз руската економија.
Неговите коментари дојдоа по разговорите со украинскиот претседател Володимир Зеленски, одржани откако Трамп се обрати на Генералното собрание на ОН во Њујорк во вторник.
Трамп постојано ја изразуваше својата желба да ја заврши војната, но претходно предупредуваше дека процесот веројатно ќе вклучува откажување од дел од територијата на Украина, исход што Зеленски постојано го отфрла.
Во својата објава, Трамп додаде дека Украина би можела „дури и да оди подалеку од тоа“, но не прецизираше на што се осврнува.
Трамп рече дека неговиот став се променил „откако се запознал и целосно ја разбрал воената и економската ситуација меѓу Украина и Русија“.
„Путин и Русија се во ГОЛЕМИ економски проблеми и сега е време Украина да дејствува“, додаде тој, нарекувајќи ја Русија „хартиен тигар“.
Во објава на сметката на Белата куќа каде е споделена фотографија од средбата на Трамп со Зеленски, се вели дека „Тој е храбар човек и се бори жестоко“.
“He’s a brave man, and he’s putting up one hell of a fight.” – @POTUS with President @ZelenskyyUa pic.twitter.com/WHjpeXUqvc
— The White House (@WhiteHouse) September 23, 2025
Зеленски го поздрави „големиот пресврт“ во ставот на Трамп и зборувајќи со новинарите во зградата на ОН, рече дека разбира оти САД се подготвени да ѝ дадат безбедносни гаранции на Украина „откако ќе заврши војната“.
Д. Мишев