Кирил Михаилов, еден од тројцата автори чии фотографии беа изложени на изложбата „Три автори“, вели дека тој другарува со фотографијата доста долго време. Пасија која ја продолжил и по своето пензионирање, бидејќи тоа му претставува големо задоволство и му го исполнува слободното време.
„Отворањето на самата изложба беше едно ново доживување за мене, затоа што ова ми е прва изложба на која учествував. Големиот број на љубители на фотографијата кои присуствуваа на отворањето на изложбата, за мене беше пријатно изненадување, и тоа наложува и понатаму да продолжам да се занимавам со фотографија“, вели Михаилов.
Темата која преовладува на фотографиите на Кирил Михаилов е авто-мото спортот, бидејќи тој е голем љубител на спорот, а воедно и работел во Авто-мото сојузот на Македонија.
Михаилов за себе вели дека присуствувал и во првите редови на Шарената револуција, дека секогаш бил во „жижата“ на настаните, и сите свои фотографии ги објавувал на социјалната мрежа фејсбук.
Мимоза Чолак е дипломиран економист, која целиот работен век го поминува во струката, но после пензионирањето ја открива фотографијата, и и претставува простор во кој може да ги изрази своите естетски и културни експресии на светот околу себе.
Мирослав Марина, архитект и дизајнер долги години работел во „Скопски саем“, а фотографијата како медиум го заинтересирала уште во студентските денови.
Изложбата „Три автори“ беше во рамките на „Скопско лето“, која беше отворена во НЛБ Галеријата, каде покрај Михаилов, свои фотографии изложија и Мирослав Марина и Мимоза Чолак.
„Оваа изложба е посветена на културното творештво на нашите граѓани. И тоа не било кој… Посветена е на творештвото на луѓето кои го минале својот активен работен век, а пензионирањето не станало пречка во нивните креативни активности…“, напиша Александар Кондев, куратор на изложбата.
Ангела Петровска
Камера: Дехран Муратов
Монтажа: Биљана Јордановска