Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека Канада, Италија и Германија ќе прифатат дел од илјадниците африкански бегалци, кои побарале азил во земјата.
Израел и Агенцијата на ОН за бегалци постигнаа договор, според кој околу 16.000 Африканци кои бараат азил во Израел, ќе бидат упатени во западните земји.
Израел планира да пресели 16.250 мигранти во западни земји.
– Ова е уникатен договор меѓу Високиот комесаријат за бегалци при ОН и државата Израел за преселување на 16.250 луѓе во развиените земји како што се Канада, Германија или Италија. Високиот комесаријат ја презеде обврската да го организира преселувањето мигранти и да го финансира истото, изјави израелскиот премиер во изјава за локалните телевизии.
Со постигнатиот договор, автоматски се поништува израелскиот план за враќање на мигрантите во Африка.
Претходно, израелската Влада им даде рок на мигрантите до 1 април да ја напуштат земјата и да заминат во неименувана африканска држава, за што ќе им беа дадени по 3.500 долари и авионски билет. Во спротивно, се предвидуваше, да бидат затворени на неодредено време.
Од тие причини, беа одржани повеќе протести на Африканците, најголемиот дел од Еритреја и од Судан, кои во повеќе наврати потенцираа дека го почитуваат Израел, но стравуваат од протерување.
извор: МИА