ВЕСТ НА ДЕНОТ
Миле Јанакиески осуден на три и пол години затвор во случајот ,,Топлик”
Поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, како првообвинет во случајот „Топлик”, денеска од Основниот кривичен суд Скопје е прогласен за виновен и осуден на три години и шест месеци затвор. Првото рочиште за случајот „Топлик”, кој се однесува на продажба на градежно земјиште за изградба на населбата „Сончев Град“ во Општина Сопиште, се одржа на 30 јануари 2018 година
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
– Не би сакале да го коментраме најавениот штајк на СОНК, меѓутоа мора да кажеме дека правото на образование е уставно загарантирано. Државата како знае и умее мора да го обезбеди за сите ученици, без прекин. На пример кога учениците штрајкуваат професорите им пишуваат неоправдани и честопати се осудува бојкотот од страна на учениците, така што прашањето е кој ќе им пишува сега неоправдани на професорите? Треба да се поттикнува солидарноста меѓу сите учесници во образовниот процес. Поквалитетен образовен систем е во интерес на сите, исзјави претседателот на Сојузот на средношколци, Лука Павиќевиќ.
ВОЈНА ВО УКРАИНА
Ќе дојде време кога секој Русин ќе ја дознае целата вистина за тоа кој од нивните сограѓани убивал. Кој давал наредби. Кој замижуваше пред убиствата. Сето ова ќе го утврдиме. И ќе го направиме глобално познато. Сега е 2022 година. А ние имаме многу повеќе алатки од оние кои беа гонети од нацистите по Втората светска војна, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски во своето видео обраќање.
Украинската разузнавачка служба објави список за кој се тврди дека вклучува руски војници кои извршиле злосторства врз цивили во Буча. Списокот, објавен на веб-страницата на Министерството за одбрана, вклучува имиња, датуми на раѓање, броеви на пасоши и чинови на околу 2.000 војници.
Русија го поставува таканаречениот информативен балон пркосејќи му на фактот за геноцидот на Украинците во Буча. Ако корисниците бараат „Буча“ на рускиот Yandex, пребарувачот ги прикажува предвоените фотографии од градот, објави Центарот за спротивставување на дезинформации при Националниот совет за безбедност и одбрана.
На денешниот состанокот на Советот за безбедност на ОН, Британија има намера да му ја покаже на светот „војната на Путин каква што навистина е“, објави на Твитер Постојаната мисија на Обединетото Кралство во Обединетите нации, пишува Укринформ, наведувајќи дека Британија сега претседава со Советот за безбедност.
Сопругата на украинскиот претседател Олена Зеленска почна да објавува воени приказни на луѓе кои се нашле во зоната на воените дејствија среде руската воена инвазија врз Украина. Украинците претходно беа повикани да испраќаат такви лични акаунти преку четбот, објави првата дама на Телеграм.
Шефот на Државната специјална служба за комуникации, Јуриј Шчихол, во интервју за Сегодња, рече дека на почетокот на руската инвазија, се наметнало прашањето за рестрикција на повици од украинските СИМ-картички кон претплатниците на руските оператори. Одговарајќи на прашања за можните руски пресретнувања на украинските повици, Шчихол истакна дека засега нема докази дека руските сили се способни да ги прислушуваат украинските комуникации.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека украинските провокации во Буча се закана за меѓународната безбедност. Лавров го повтори ставот на неговата земја дека Украина организирала нешто што изгледа како масакр на цивили, нарекувајќи го лажен напад
ФЛЕШ ВЕСТИ
КОВИД Во текот на изминатите 24 часа и согласно регистарот на умрени лица со дијагноза КОВИД-19 од „Мој Термин“, не се регистрирани нови починати лица.
ИНТЕГРАЦИИ Премиерот Димитар Ковачевски, денеска го одржа редовниот брифинг со амбасадорите на земјите членки на ЕУ, на кој присуствуваше и заменик-шефот на Мисијата на ЕУ во нашата земја, Јулијан Васало, соопштуваат од владината прес служба.
МВР Mинистерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во Конференциската сала во Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија присуствуваше на дипломатски брифинг за активностите на Регионалната иницијатива за миграции, азил и бегалци – МАРРИ.
ДОБРОСОСЕДСТВО Во Скопје и во Софија се преземаат мерки во врска со случајот на служебни лица кои се обиделе да ги поткопаат добрососедските односи меѓу двете земји и да го закочат евроинтеграцискиот процес на Република Северна Македонија.
ЗАПАДЕН БАЛКАН Сега е време да се даде приоритет на мирот и безбедноста на Западен Балкан, изјавил претставник на Стејт департментот за Гласот на Америка, одговарајќи на прашањето дали САД се загрижени за информациите од Бугарија дека постои ризик Западен Балкан да стане регион на нестабилност поради делување на руски агенти.
АНТИКОРУПЦИЈА За ефикасна борба против корупцијата, освен законската рамка, е неопходно нејзина доследна примена преку ефикасен систем кој нема да зависи од човечки фактор или гарнитура на власт туку ќе функционира транспратентно и ефикасно, како и поединечна посветеност на сите институции влучени во системот за борба против корупцијата, но и нивна меѓусебна соработка, порачаа дел од учесниците на Националната работилница за имплементација на Конвенцијата на Обединети Нации против корупција (УНКАК),
ПРАВДА Министерот за правда Никола Тупанчески признал дека не ја платил картата за чартер лет и влезот во стадионот во Палермо. Фактурата за аранжманот, односно сместувањето ја платил откако цела јавност го виде на трибините, односно по четири дена од одржувањето на натпреварот. Пред само неколку дена, министерот тврдеше дека билетот и авионската карта сам ги платил.
МУЛТИКУЛТУРА
Новинарот Рамуш Муарем-Цирко во видео порака за Иницијативата „Обединети во различноста“ повикува да се обединиме во различностите како единствен лек од опасната болест национализам.
Замислете ги сите луѓе да живеат живот во мир. Украинската пејачка Катерина Павленко, фронтменката на групата Go_A, во дует со италијанско-бразилската пејачка Гаја, ја испеаја антивоената химна на Џон Ленон „Imagine“ пред натпреварот помеѓу Јувентус и Интер.
Juve and Inter came together ahead of the Derby d’Italia, as Gaia and Kateryna Pavlenko performed John Lennon’s ‘Imagine.’
What a moment. ? pic.twitter.com/R9gIrSTjNl
— CBS Sports Golazo ⚽️ (@CBSSportsGolazo) April 3, 2022
Во прекрасна атмосфера пред играчите на двата тима, на стадионот кој беше исполнет до последното место, заедно со Павленко и Гаја пееја и фановите на двата тима.
СЛОБОДНА ЗОНА

Сега, пак, истиот тој Груевски со методот на „жолтите комбиња“ – за кои самиот апсеше – се обидува „од дистанца“ да ги дискредитира сведоците и соучесниците низ кривичните процеси против него, за да „докаже“ дека само тој е невин: ги снима сите со кои од Будимпешта телефонски разговара (е, таа „библиотека“ би било драгоцено да се добие), а веројатно го снимаат и тие него, па, според моментната потреба, „протекуваат“ снимки по интернет, ама сега тие не се „сечени, лепени, монтирани“, туку строго веродостојни и се нудат како валидни судски докази за морално-политичко и правно „оцрнување“ на опонентите, за потребите на одбраната.., пишува Сашо Орданоски во колумната „Камчев до Груевски: „Ај, со здравје!“.

Мртви и недогорени тела на пет голи жени на асфалтот на автопатот Житомир, покриени со автомобилски гуми, црн најлон и светлозелена кабаница.
Буча, Ирпен, Мила, Тетерев, Мотижин, Иванкив, Гостомел… Гратчиња и села во областите Кијив, Харкив, Чернихив, Мариупол…
Запалени и згмечени автомобили со изгорени тела. Детска кукла под тркалото на изрешетан автомобил. Тела на стрелани луѓе, некои со врзани раце, деформирани и изгазени од тенкови и тешки воени возила на улиците.
Луѓе на своите велосипеди, застрелани, паднати среде улица.
Еден повозрасен маж, застрелан на улица, со главата потпрена на тротоарот, нога преку нога, како да се одмара. Многу други тела. Како во морбидна дистопија, изгледа како да заспале луѓето на улица, пишува Џабир Дерала во едиторијалот „Разгледница од пеколот на Земјата“

Руската пропаганда на дело, со раширени раце прифатена од „објективните„ и „независни“ македонски п(а)ортали. За два/ тројца „комсомолци“ со качулки, што фрлаат боја на композицијата со тенкови во Грција, на раширените од рубљи зеници на „објективните“ македонски п(а)ортали им се гледа како цела Грција да им објавила војна на САД, и ги нападнала тенковите на НАТО со целиот арсенал од лесно и тешко оружје што го поседуваат Грчките вооружени сили. Иако, во насловот на видеото ( на руски секако) си пишува дека нападот е со црвена боја. Ама нашиве да ти биле поголеми католици од Папата, или по ново, поголеми Руси од Путин, пишува Драган Мишев во коментарот „ Гладна кокошка рубљи сонува“.

Секогаш кога ќе зборувате за големиот руски балет, ќе ви ја раскажувам приказната за младата учителка од Бровари која повеќепати била силувана пред очите на нејзините родители, а потоа била киднапирана од руските нелуѓе. За околу десетици, можеби и стотици силувани украински жени. Често пред очите на децата. За 15-16-годишните девојки од Бородјанка кои претрпеа страшно насилство од кадировци. За телата на пет силувани млади девојки кои биле убиени и оставени на пат. За тоа одвратното „ќе ги е**ме хохлушките“ при пресретнување. Ете што ќе ви кажам како одговор за таканаречениот голем руски балет, пишува украинската авторка Олена Пшенична во текстот „Секогаш кога ќе зборувате за големата руска култура…“ што го објави на својот ФБ профил.
Д.Мишев












