Околу 13 Палестинци во бегалскиот камп Џенин во четвртокот беа убиени во заедничка oперација во која беа вклучени Шин Бет (Израелската безбедносна агенција), ИД и полицијата кои се обидувааа да спречат планирани терористички напади, како и да фатат најмалку тројца познати терористи на Исламскиот џихад, пренесува Јерусалем пост.
Безбедносните сили на Израел, исто така, рекоа дека ги разгледуваат извештаите дека најмалку една постара палестинска цивилка била случајно убиена за време на продолжената престрелка.
Палестинската министерка за здравство предупреди дека ситуацијата е „критична“ во Џенин, има многу други повредени, а возилата на брзата помош не можат да дојдат до нив, пренесува Би – Би – Си.
Детското одделение во локалната болница беше погодено со израелски солзавец, рече таа.
Израелската војска објави неколку детали, но израелските медиуми соопштија дека дејствувала за да спречи „голем напад“ од милитанти.
Палестинските милитантни групи Хамас и Исламски Џихад соопштија дека се борат со израелските војници во местото каде што имало повеќекратни напади на Израел.
Тензиите неодамна се зголемија на Западниот Брег, бидејќи израелската војска продолжува со, како што ја опишува, антитерористичка офанзива.
Најмалку 29 Палестинци се убиени од израелските сили на Западниот Брег досега оваа година, вклучувајќи милитанти и цивили.
Минатата година, повеќе од 150 Палестинци беа убиени, речиси сите од страна на израелските сили, додека во серија палестински напади насочени кон Израелци, како и пукање на милитантите кон војниците за време на рациите на апсење, загинаа повеќе од 30 луѓе, вклучувајќи цивили, полицајци и војници.
Подготви: Д. Мишев