Минатата недела писателот Шкелзен Халими обвини дека царински службеник му забранил да внесе во државата 25 примероци од неговата книга при влез на граничен премин Блаце. Халими напиша дека бил третиран како криминалец, а обвини дека инцидентот имал етничка позадина.
На прашање на ЦИВИЛ Медиа, денеска се изјасни и Царинска Управа од каде информираат дека целата ситуација се случила поради два пропусти од авторот. Првиот пропуст е дека тој не ги пријавил книгите и вториот дека не поседувал соодветна документација со која се ослободува и од царински давачки.
“На 17.02.2021 година, на царинска испостава Блаце-Отсек за патнички промет, возило со три патници се појавило на влез во државата околу 22:30 часот. На прашање од царинскиот службеник дали има нешто да пријават за царинска контрола, возачот одговорил дека нема ништо да пријават. При извршен детален преглед на возилото, според изјаснувањето на царинскиот службеник на задните седишта од возилото покриени со јакна, како и во просторот под задните седишта биле сокриени вкупно околу 35 пакетчиња со книги. Патниците кажале дека се професори, меѓутоа не се изјасниле зошто не ги пријавиле книгите. Бидејќи книгите не биле пријавени, а царинскиот службеник не сакал да ги отвори и оштети пакетите-книгите, им посочил на патниците дека имаат можност непријавената стока да ја вратат назад во Косово”, се вели во писмениот одговор од Царинска управа.
Од таму напоменуваат дека авторите на книги и уметнички дела се ослободени од царински давачки, но за тоа треба да поседуваат соодветен документ кој му недостигал на Халими во конкретниот случај.
“Согласно член 194 точка 12 од Царинскиот закон, од плаќање на увозни давачки се ослободуваат научници, книжевници и уметници за сопствените дела што ги внесуваат од странство, но во конкретниот случај патникот-писателот кој тврди дека книгите биле негово авторско дело, според изјавата на царинскиот службеник не поседувал пишан документ (спецификација, барање за ослободување…) со кој книгите би се ослободиле од увозни давачки со забелешка на истиот”, објаснуваат од Царина.
Шкелзен Халими пред неколку дена изјави дека нешто пред полноќ на враќање од Албанија, каде бил да ги земе примероците на неговата книга “Музејот на чекањето” издадена од издавачката куќа “Наими”, еден царинар на граничен премин Блаце, според него, се однесувал како да фатил “криумчар” на книги. Тој тврди дека имал само 25 примероци од книгата и вработениот во Царина му наредил да ги фрли книгите или истите да ги врати назад во Косово. Халими се одлучил на второто и најавуваше дека наскоро ќе успее да ги донесе книгите во земјава.
Арбен Зеќири