Во рамки на 36-тата седница, денеска, беше донесена Уредба со законска сила за примена на Законот за здравствено осигурување за време на вонредна состојба според која на осигурениците на кои им се ускратени правата од задолжителното здравствено осигурување поради нередовно уплатуван придонес или уплатата на придонесот задоцнила повеќе од 60 дена, односно имаат долг за неплатен придонес, можат во здравствените установи да користат здравствени услуги поврзани со дијагностицирање и лекување од коронавирусот КОВИД-19 на товар на средствата на Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија.
Оваа Уредба за лекување од КОВИД-19 на товар на Фондот, се однесува и на државјаните на Република Северна Македонија кои не се задолжително здравствено осигурани по ниту еден основ.
ЦИВИЛ ја поздравува оваа одлука на Владата. За решавање на овој проблем беа потребни повеќе од две недели од моментот кога ЦИВИЛ го адресираше на 20 март до Министерството за задравство.
На прес-конференцијата на министерот за здравство Венко Филипче ЦИВИЛ го постави прашањето: Во Северна Македонија има луѓе кои работат хонорарно и имаат примања, но не се во системот на здравственото осигурување, а не се пријавени ни во АВРМ. Дали тие треба да ги платат здравствените услуги поврзани со корона вирусот приватно или услугите за нив се бесплатни?
Министерот Филипче вети дека ќе се разговара со Фондот за здравствено осигурување, кои беа недостапни за официјален одговор. Иако во изјава министерот и рече дека ќе биде бесплатно за сите, конечно, официјално се добива јасна слика за сите граѓанки и граѓани независно дали се здравтвено осигурани или не – бесплатно лекување од Ковид-19 за сите.