„Еднаш неделно, в петок, но по потреба и во други термини, ЦИВИЛ ќе одржува Мулти култи бриф, во кој накратко ќе ја известуваме јавноста за активностите на организацијата во Иницијативата Чекор напред кон мултикултурно општество“, изјави Џабир Дерала на почетокот на првото издание на „Мулти култи бриф“ на ЦИВИЛ.
Под заеднички наслов „Чекор напред кон мултикултурно општество“, ЦИВИЛ од 1 март ги интензивира своите акции со кои ги промовира почитувањето на различностите, недискриминацијата и еднаквоста во општеството.
Војната во Украина го загрози светскиот мир. Во часови се мери забрзаната глобална милитаризација како одговор на бруталната руска агресија во која секој час гинат и цивили, меѓу кои и жени, деца и луѓе во поодмината возраст.
Ова е доба кога општеството доаѓа под удар на радикални структури за кои поларизацијата, дискриминацијата и насилството е „природна“ состојба.
Пред светот се тешки предизвици за демократијата и прогресивните цивилизациски и европски вредности, почитувањето на човековите права и слободи, еднаквоста и недискриминацијата.
Затоа, ЦИВИЛ ги интензивира активностите за промоција на мултикултурализмот и европските вредности во нашата земја. Иницијативата „Чекор напред кон мултикултурно општество“ опфаќа три големи области на дејствување на организацијата во овие области. Како и претходно, така и во наредниот период, ЦИВИЛ ќе го следи, но и ќе даде свој придонес кон спроведувањето на стратегијата „Едно општество за сите“, а ќе понуди идеи и за креирањето на Стратегијата 2023-2025 година.
Понатаму, организацијата ќе ги реафирмира сите досегашни и ќе создаде голем број нови пораки, информации и едукативни содржини во кои граѓанките и граѓаните, јавните личности, медиумите, академијата и граѓанското општество говорат за мултикултурализмот, почитувањето на различностите и недискриминацијата во општеството како фундаментални човечки и европски вредности. Активностите подразбираат и истражувачки активности, застапување и заеднички јавни настапи со претставници на граѓанското општество, академијата и институциите на локално и национално ниво.
Како и секогаш, ЦИВИЛ е отворен за соработка и ги повикува сите прогресивни граѓанки и граѓани, експерти, уметници, активисти и јавни личности да го дадат својот придонес кон оваа иницијатива со споделување на идеи, искуства и размислувања на овие важни теми.
ЦИВИЛ ја спроведува иницијативата „Чекор напред кон мултикултурно општество“ со поддршка од Министерството за надворешни и европски прашања на Големото Војводство Луксембург.
Следете го ЦИВИЛ
Фејсбук | Твитер | Инстаграм