ЦИВИЛ-Центар за слобода на денешната прес-конференција истакнаа дека од она што се забележува од нивните набљудувачи за време на парламентарните и претседателските избори што се одржаа на 8 мај, е дека граѓаните беа недоволно информирани за процедурите за гласање.
„Се бележи недоволна информираност на граѓанките и граѓаните за процедурата на гласањето за претседател и за парламент, особено засилена со непознавањето на процедурите и од страна на избирачките одбори“, истакнаа од ЦИВИЛ.
Понатаму се вели дека околу 50 повици од граѓанките и граѓаните се однесуваа на тоа дека не било јасно дали ИО имаат право да ги прашуваат гласачите дали ќе земат едно или две гласачки ливчиња. Ова е сигнал дека процедурите и избирачките права се недоволно добро објаснети во подготвителниот период, односно кампањата на ДИК за граѓанска едукација.
ЦИВИЛ – Центар за слобода, како и секој изборен циклус така и овие претседателски и парламентарни избори, ги мониторираше со 80 набљудувачи, а во текот на изборниот ден одржа осум прес конференции на македонски и албански јазик.
На ова организација граѓаните можеа да пријават нерегуларности и преку телефон и нивната веб страница.
Назми Абдурахмани