ЦИВИЛ организира дебата со дел од кандидатите за градоначалници на Општина Шуто Оризари, во понеделник, со почеток од 12 часот, во мултимедијалниот центар на организацијата.
На настанот ќе учествуваат кандидатите за градоначалник Курто Дудуш од коaлицијата ЛДП-ДОМ, Асан Ферат од СДСМ и Тефик Махмут од Левица.
Дали, како и за кои зелени вредности ќе се залагаат? На кој начин ќе се спротивставуват на национализмот и како ќе се залагаат за почитување на мултикултурализмот и почитувањето на различностите? Како ќе спроведат правична застапеност во институциите, практики за заштита од дискриминација во институциите, училиштата и во јавниот простор? Кои се заложбите во сферата на социјалната правда? Кои се најголеми предизвици за зелената агенда во нивната општина? Дали имаат зелена стратегија? Дали се залагаат и на кој начин, за зелени работни места, одржлива енергија, менаџмент на отпадот и зелена едукација на локално ниво? Тоа се дел од прашањата и темите за кои ќе стане збор на јавниот настан на ЦИВИЛ.
Работниот јазик на настанот е на македонски јазик, но сите материјали потоа ќе бидат достапни на македонски, албански и англиски јазик.
Дебатата е дел од проектот „Зелено општество за сите“ кој го спроведува организациската единица ЗЕЛЕН ЦИВИЛ, во партнерство со Фондацијата Хајнрих Бел.
Со проектот „Зелено општество за сите“, ЦИВИЛ ја продолжува промоцијата на идеите за меѓусебната поврзаност на зелените вредности, антинационализмот и социјалната правда, особено во контекст на креирање локални политики и практики со вистинска грижа за интересите на граѓанките и граѓаните на локално ниво.
Преземањето на содржините е добредојдено, според лиценцата Creative Commons 4.0.
ЦИВИЛ