Поранешниот македонски претседател Бранко Црвенковски, своевремено и лидер на СДСМ и премиер во времето на приватизацијата (1992-1998), го привлече вниманието на учесниците на Форумот за Западен Балкан во Сараево кој се одржа на 28 јуни 2021.
Тој го истакна фактот дека сите држави од регионот на Западен Балкан имаат поставено стратешка цел – членство во Европска Унија.
Според Црвенковски, Северна Македонија не може да направи ниту еден чекор напред цели 12 години и потсети на условите што ги наметнуваа Грција, Франција и Бугарија. Тие услови, како што рече, немаат никаква врска со пропишаните критериуми од Европската комисија, потребни за започнување на преговорите.
Црвенковски потсети дека земјата дури и името го смени, но, според него, процесот на интеграција на земјите од Западен Балкан во ЕУ е практично запрен. Тој на панелот на кој учествуваше, го постави прашањето, кои се намерите на европските земји и истакна дека некои земји го блокираат пристапот на нови членки.
„Што ако сме принудени, не по своја волја, да бараме алтернативи? Да не бидам погрешно разбран, јас не ги одбирам Истокот или Далечниот исток како алтернатива“, рече Црвенковски.
На неговиот настап на Форумот во Сараево посебно внимание му посветија медиумите блиски до десничарската опозиција.
ЦМ деск