Министерот за правда Никола Тупанчески смета дека изборот на шеф на обвинителството за организиран криминал и корупција покажал слабости и дека е неопходно да се пристапи кон негови измени во однос на построги критериуми и правила, соопшти неговата прес-канцеларија.
Одговарајќи на новинарски прашања, Тупанчески рече дека за избор ќе мора да се додаде цензус како и да се разгледа опцијата за воведување втор изборен круг или пак дополнителен критериум.
„Некои параметри останаа недефинирани докрај, во смисла на тоа, ќе се обидам да карикирам, што може првиот човек на организиран криминал да биде избран само со еден глас од страна на едно лице. Ќе мора тука да се додаде цензусот, дали ќе има потреба од втор круг на избори, од некој дополнителен критериум. Во нашата држава главниот проблем не е квалитетниот закон, туку се судираме со суштинскиот проблем, а тоа е капацитетот на институциите и интегритетот“, изјави Тупанчески.
Прашан за коментар во однос на фотографиите на новиот обвинител за организиран криминал Ислам Абази со лица од ДУИ, Тупанчески рече дека времето ќе покаже дали хипотезите имаат реална основа.
„Изјавата на мојот заменик, Нухиу, не беше дадена од Министерството за правда. Ги видов фотографиите кои имплицираат дека избраниот обвинител има комуникација со некоја политичка партија. Времето ќе биде главниот фактор кој ќе покаже дали овие хипотези имаат реална основа. Комуникацијата не може да биде исклучена, но да не биде злоупотребена“, рече Тупанчески.
Извор: novatv.mk