Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) нема преземено никакви активности што се против која било држава или која било амбасада во Македонија. Ова вчера го изјави министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, одговарајќи на новинарско прашање во врска со неодамнешното повлекување на целиот персонал на Амбасадата на Србија во Скопје и обвинувањата од Белград за „многу офанзивни разузнавачки активности против Србија во Македонија“.
Како што пренесе новинската агенција МЕТА, Спасовски, во тој контекст, изјави дека немаат апсолутно никакви активности што можат да ги компромитираат УБК или Министерството за внатрешни работи.
Во врска со насилствата во Собранието од 27 април, Спасовски рече дека важно е да се спроведе целосна истрага за настаните за да се врати кредибилитетот и довербата во институциите.
„Очекувам дека и Јавното обвинителство, особено одделот за организиран криминал, ќе бидат одлучни во однос на постапките против лицата што извршија упад на 27 април во Собранието за да убијат дел од пратениците – рече Спасовски за време на вчерашната посета на Секторот за внатрешни работи Скопје.