Пратениците ги прифатија измените во Законот за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги, со што се укина обврската на граѓаните и фирмите да плаќаат радиодифузна такса.
За измените предложени од Владата, гласаа 70 пратеници, ниту еден против и воздржан.
Македонската радио телевизија ќе биде финансиски поддржана од државниот буџет со годишно издвојување од 0,5 отсто од буџетот. Од следната година, за оваа ставка ќе се одвојуваат по 14,3 милиони евра од буџетот.
Покрај од средствата од Буџетот, МРТ ќе се финансира и од други средства, односно, од приходи на кабелските оператори и од приходи остварени со продажбата на програма, произведена во МРТ.
Пратеникот Томислав Тунтев, кој е еден од предлагачите на законот, истакна дека со ваквото законско решение ќе се ослободат граѓаните од една непотребна давачка, а од друга страна, ќе се зголеми ефикасноста во работата на МРТВ.
„Не секогаш беа собирани сите средства. Сведоци бевме на финансиска ‘дупка’ од пред две години на МРТВ. Ова е начинот што ние го предлагаме за да ги ослободимје граѓаните од една неприродна давачка и да се зголеми ефикасноста во работата и функционирањето на јавниот радиодифузен сервис“, рече Тунтев.
Радиодифузната такса беше воведена во 2005 година.