ВОЈНА ВО УКРАИНА
Руските сили, кои ја окупираа нуклеарната централа во Чернобил, ја ограбиле и уништиле лабораторијата на тоа место, тврдат украинските власти.
Украина бара од меѓународните партнери да преземат четири чекори за да ги спасат украинските граѓани: да обезбедат модерни системи за воздушна одбрана, крстосувачки ракети или муниција за повеќе ракетни фрлачи, да воведат ембарго за нафта и целосно затворање на пристаништата за руските бродови, објави на Твитер Михаило Подолијак, советник на шефот на кабинетот на претседателот.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во своето денешно обраќање меѓу другото најави координирање на украинските позиции во пресрет на овонеделните самити на НАТО и Г7 самити на Г7, НАТО, нови пакети санкции и нова помош.
Сведоштво на украински новинар: Ме тепаа, ме мачеа, поминав 187 часа во руско заробеништво
По осум дена воопшто не знаејќи ја својата судбина, Олег Батурин, новинар на локалниот дневен весник Нови Дан од Каховка, излезе од затвор.

По ослободувањето, на Фејсбук профилот на својата сестра Олга Перепелица напишал што доживеал и преживеал во руско заробеништво и за испрашувањата и обидите да го регрутираат, како што вели, да премине на руска страна.
Специјалниот пратеник на рускиот претседател за климатски прашања, Анатолиј Чубаис, поднесе оставка од функцијата и ја напушти Русија, пренесува Блумберг.
Според два неименувани извори, како причина за својата одлука Чубаис го навел спротивставувањето на војната на Путин во Украина.
АНАЛИЗА
Ретуширање на историјата, омилена руска пропагандна алатка уште од времето на Сталин
„Путиновата пропагандна машинерија и досега, а особено со почетокот на воената агресија врз Украина, во создавањето на искривена слика за тековните случувања и за оправдувањето за најзините недемократски постапки и воени акции, се потпирала на креирање лажни вести, фотомонтажи, „deep fake“ видеа, и нивно споделување по интернет мрежите. Иако, во последно време, демократскиот свет успева руската пропаганда да ја сузбие во голема мера, односно, многу брзо дезинформациите креирани во кујните на Кремљ стануваат разобличени, сепак, прилично голема количина на токсични лажни вести од Русија успеваат да го најдат својот пат до поддржувачите на социјалните мрежи“, пишува Драган Мишев во извонредната анализа за ретуширање на историјата како омилена руска пропагандна алатка.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Забрчанец: Руската инвазија ја обедини демократијата
„Дефинитивно постои информациска војна, која не е ново, постоеше и порано. Но, она што се разликува е тоа што Западот излезе од таа вкочанетост кон руската пропаганда. Мислам дека Западот сега ја добива таа војна не само со руската пропаганта туку и со војната против демократијата, вели Марјан Забрчанец, Национален координатор за Отворен Балкан и за регионални иницијативи, вo Утрински Брифинг.
ФЛЕШ ВЕСТИ
БИЛАТЕРАЛА Како дел од програмата „ЕУ за општините“ и програмата за прекугранична соработка помеѓу Северна Македонија и Албанија денеска беа потпишани вкупно 19 договори, од кои осум се наменети за македонски општини, а 11 грантови за реализација на проекти дел од прекуграничната соработка со Албанија.
МЕРКИ Полската агенција за внатрешна безбедност подготви список од 45 руски дипломати осомничени за шпионажа и побара нивно протерување од земјата, изјави портпаролот на координаторот на полските разузнавачки служби Станислав Зарин.
ЕКОНОМИЈА Согласно најновите податоци на Државниот завод за статистика во јануари 2022 година исплатената нето-плата по вработен, изнесува 29.980 денари.
БЕГАЛЦИ Од почетокот на руско-украинскиот конфликт, па досега, според информациите на Министерството за внатрешни работи, во земјава влегле 1.924 украински државјани, а на излез од државата во овој период се регистрирани 1.365.
ИНФОРМАЦИСКИ ХАОС
Фотомонтажата во која Зеленски се подбива со Путин предизвика лавина на говор на омраза
На социјалните мрежи се споделува фотомонтажа во која украинскиот претседател Володимир Зеленски на средбата со францускиот претседател Емануел Макрон наводно се подбива со рускиот претседател Владимир Путин. Таква средба никогаш не се остварила помеѓу Зеленски, Путин и Макрон.
ВО ФОКУСОТ НА ЦИВИЛ
Еден месец руска агресија врз Украина
ЦИВИЛ е првата организација во земјава, како и меѓу првите во светот, која известуваше за руско-украинската криза, а сега веќе руската агресија врз Украина. Организацијата утре, 24 март (среда) ќе одржи јавен настан на тема „Еден месец руска агресија врз Украина“ како дел од серијата настани „Во фокусот“.
Панелот ќе биде во форма на аналитички осврт на воените активности во Украина, дезинформациите и пропагандата, светската солидарност со украинскиот народ, меѓународниот одговор на руската агресија, бегалската состојба и низа други аспекти во однос на војната во Украина. Панелот ќе го води Џабир Дерала.
Настанот ќе се емитува на Фејсбук и Јутјуб каналот на ЦИВИЛ.
СЛОБОДНА ЗОНА

„На Путин му се одбројани деновите. Него сега го штитат само закоравените кучиња на војната, екипа со злосторнички ум ист како неговиот. Но далеку побројни се оние што сакаат да ја видат Русија назад на мапата на светот. Русите кои имаат барем малку достоинство и хуманост во себе, не сакаат ништо друго освен Путин да си оди и да се соочи со одговорноста за бруталната агресија. Тие сакаат да ја видат развиена и слободна Русија во која животот и достоинството на луѓето имаат непроценлива вредност.“, пишува Џабир Дерала во колумната „Или Путин ќе ѝ пресуди на Русија или таа нему“.

„Ми личат овие наши сограѓани на оние очајни Германци при крајот на Втората светска војна кои до последен момент веруваа дека Хитлер само што не го употребил „тајното оружје“ со кое ќе ги сотре противниците и ќе ја поврати славата на Третиот Рајх. Некои од искрените ариевци, кои ја преживеаја таа војна, со години веруваа дека и воениот пораз, самата капитулација на фашизмот е мудар, привремен маневар на Фирерот, кој и своето самоубиство во бункерот само го одглуми за да ги залаже сојузниците и да се повлече на некоја супер тајна локација во Аргентина како би се реорганизирал, би се прегрупирал, а потоа повторно би удрил уште посилно и попобеднички во слава на национал-социјалистичките идеи.“, прочитајте во колумната „Паднатото либидо на локалниве „путинолози“, од Сашо Орданоски.
Д. Тахири














