Непријателот продолжува да ги тероризира териториите на фронтот во Украина, со околу 50 случаи на гранатирање регистрирани во неделата, во кои загинаа 16 лица, соопшти првиот заменик-министер за внатрешни работи на Украина, Јевхени Јенин, пренесува Укринформ, повикувајќи се на прес-службата на украинското Министерство за внатрешни работи.
„Денес беа регистрирани околу 46 случаи на гранатирање, во кои загинаа 16 лица, а имаме уште десетици ранети. Русите првенствено ги таргетираат регионите Доњецк и Миколаев. Но, ракети летаат и кон регионите Харков, Дњепропетровск, Запорожје и голем број други региони низ земјата“, рече тој.
Според Јенин, регионот Доњецк бил под гранатирање повеќе од 3.000 пати, регионот Луганск – 4.000 пати, а регионот на Миколаев – 700 пати. Во исто време, тој прецизираше дека регионот Черновци останува единствениот регион што досега не е погоден од руски ракети.
Севкупно, регистрирани се 12.000 случаи на гранатирање од сеопфатната инвазија, во која беа погодени околу 300 воени цели и повеќе од 20.000 цивилни објекти.
Јенин, исто така, забележа вмешаност на саботери кои го прилагодуваат непријателскиот оган во гранатирањето.
„Вработените во криминалистичката полиција постојано преземаат мерки за спротивставување на субверзивни разузнавачки и терористички групи. Типично, секоја недела се проверуваат од 10.000 до 15.000 сомнителни лица. При проверките наоѓаме десетици лица, а повеќето од нив ги предаваме на властите на СБУ. за натамошно расчистување на околностите“, рече тој.
Според Јенин, во текот на 164-те дена од целосната војна во Украина, биле разоткриени околу стотина субверзивни групи, а повеќе од 1.600 лица наводно вклучени во субверзивни активности биле приведени.
„Предавството кон државата за 300 долари е речиси како триесет сребреници. Сепак, активностите на полицијата и СБУ во спротивставувањето на овие манифестации се доста ефективни“, додаде тој.
Подготви: Д.Мишев