Повеќе од милион деца се евакуирани од Украина во соседните земји за помалку од две седмици од почетокот на оружениот конфликт во таа земја, изјави Кетрин Расел, извршната директорка на УНИЦЕФ, пренесува МИА.
Според неа, во конфликтот се убиени најмалку 37, а повредени 50 деца. Раселсо згрозување го осуди пријавениот напад врз детската болница во Мариупол и покрај договорениот прекин на огнот.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека цивилните објекти не биле цел на руските напади.
Обединетите нации и Светската здравствена организација повикаа на „итно прекинување на нападите врз болниците, здравствените работници, амбулантните возила“ во Украина.
„Тие не смеат никогаш да бидат цели на напади“, изјави пред медиумите портпаролот на ОН, Стефан Дужарик.
Дужарик додаде дека ОН ги следат деталите за пријавениот напад врз детска болница и породилиште во градот Мариупол, каде што се пријавени најмалку 17 повредени.
СЗО досега потврди најмалку 18 различни напади врз здравствени установи од почетокот на рускиот напад врз Украина, при што се убиени десет, а се повредени 16 лица.
Канцеларијата за човекови права на ОН вчера вечер соопшти дека потврдила 1.424 цивилни жртви од почетокот на инвазијата врз Украина пред две недели.
Канцеларијата за човекови права на ОН прецизира дека 516 луѓе се убиени, а 908 се повредени, но дополнува дека верува дека реалните бројки се „значително повисоки“.
Канцеларијата посочува дека повеќето жртви биле предизвикани од експлозивно оружје, вклучувајќи гранатирање и ракетни и воздушни напади.
Во извештајот се додаваат ажурираните бројки од градовите Волноваха, додека од Мариупол и Изиум се уште се потврдуваат по наводите за стотици цивилни жртви.
Русија негира дека целела цивили во нејзината инвазија на Украина.
Д.М.