„Управниот суд подлегна под систематскиот притисок од СДСМ и од Специјалното јавно обвинителство“, обвини ВМРО-ДПМНЕ, по одлуките на судот да нема прегласување во ниту едно избирачко место од првиот круг на локалните избори, што се одржаа на 15 октомври.
„ВМРО-ДПМНЕ до Управниот суд поднесе 24 тужби за 45 избирачки места за изборни нерегуларности, а Судот не дозволи прегласување во ниту едно избирачко место. Ваквото дејствување на Управниот суд е поради оркестрираниот притисок од страна на двоецот СДСМ – СЈО. Имено, СЈО во предизборниот период поведе монтирана постапка против пет судии во Управниот суд, поради нивно слободно судско уверување, додека Судскиот совет под влијание на СДСМ, надвор од секаква правна логика, им го одзеде судскиот имунитет“, изјави Драган Данев, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.
Според Данев, Државната изборна комисија (ДИК), Управниот суд и целата администрација биле под страшен притисок за време на изборите.
„ВМРО-ДПМНЕ ги предупредува и ги потсетува сите што за потребите на СДСМ вршат изборен криминал и ги изигруваат законите, дека со враќањето на демократијата во Македонија, ќе се врати и правната држава, а сите прекршители на законите ќе одговараат во согласност со законите“, порача пратеникот Данев.
М.Т.