ЈОВЕ КЕКЕНОВСКИ
Пишаниот збор, полека-полека, ја губи битката со електронските медиуми. Иако се потрудив темата за статусот и позицијата на Уставниот суд да им ја наметнам на неколку новинари од ТВ-ата со национална концесија, за жал, тие повеќе беа заинтересирани за тоа кои персони ќе ги пополнат испразнетите судиски места во оваа институција, како и за политичките игри и надмудрувања кои се водат во овој момент на овој план.
Целта на овој текст е укажување за важноста, но и за достоинството на оваа институција и на избраните уставни судии која, впрочем, не познава и не признава временска рамка. Свесно и намерно потенцирам одбрана на достоинството и честа на ова институција, затоа што некои нејзини досегашни и сегашни судии, навистина, според досега сработеното и покажаното и не заслужуваат посебен коментар, најмалку одбрана. Но нејсе, да се вратиме на институцијата.
Кога станува збор за Уставниот суд, би започнал со неколку ставови што треба да ја отсликаат суштината на принципот на владеење на правото, за кој сите ние барем декларативно се залагаме. Прво: нема повисок устав од Уставот; второ: нема закон над законот и трето, но не и помалку важно: никој нема повеќе власт од онаа што му е дадена со Уставот и законите. Овие три реченици се всушност суштина на владеењето на правото. Во негова основа е фактот дека легитимна е само онаа политичка власт која е ограничена со целта на своето конституирање. Исто така, овој принцип е суштинска граница на ширењето на самоволието на носителите на политичката власт во една држава. Пошироко протолкувано, ова би значело дека дури и законодавецот, оној кој ги донесува правилата нема право истите да ги крши, односно да не ги почитува.
Уставниот суд на Република Македонија е орган на државата кој ја штити уставноста и законитоста. Се работи за орган кој, според својата уставна положба, не спаѓа во системот на организацијата на државната власт, туку е посебен уставен орган со статус, состав, организација и надлежности утврдени со Уставот. Уставниот суд е еден од факторите за остварувањето на Уставот од кој ја црпи својата основа и позиција како и границите (рамките) на вршењето на својата функција.
Уставниот суд не создава право и не утврдува што е право. Тој само констатира што не е право. Ако оваа констатација се поедностави, тоа би значело дека Уставниот суд не пропишува и не донесува оригинерни норми и акти, туку испитува и оценува дали донесените правни акти и норми се во согласност со Уставот и законите. Ова би значело дека евентуалните одлуки на Уставниот суд за неуставност и незаконитост се резултат на повреда на Уставот и законите и истите најчесто имаат интервентен карактер. Ова значи дека Уставниот суд е доминантен фактор во спроведувањето на Уставот како и на остварувањето на односите што се утврдени во неговата содржина.
Иако ваквата уставна положба на Уставниот суд му обезбедува, при вршењето на својата уставно судска функција, да се дистанцира од секаков политички авторитет, влијание или притисок, тоа сепак во праксата (посебно последниве петнаесетина години) не се реализираше така како што е уставно замислено, обезбедено и загарантирано. Проблем беа, и сѐ уште се, избраните уставни судии кои не можеа да се оттргнат и да бидат подалеку од политичарите и нивото влијание. Токму поради тоа, мој впечатокот е дека Уставниот суд, благодарение на голем број од судиите, поприми елементи на извршен орган на оперативна дневна политика, односно стана подреден орган и продолжена рака на законодавната и извршната власт. Посебно во времето на премиерување на Н. Груевски и З. Заев.
Кога се работи за оваа констатација, редно е да се потсетиме на недоличната и грозна реакцијата на поранешниот премиер во 2009 година кога Уставниот суд поведе повеќе постапки и ги укина: верското образование во основните училишта, екстерното проверување на учениците во основните и средните училишта, право на жалба во постапките за управните спорови, парично обештетување наместо годишен одмор, привремената забрана за примена на член од законот за внатрешни работи, кој предвидуваше предвремено пензионирање на вработените во МВР и др. Од тогаш Уставниот суд стана усрамен суд, бидејќи се поремети воспоставеното непишаното правило дека одлуките на Уставниот суд не се коментираат, а со подоцнежните кадровски решенија за уставни судии, како оние избраните, неодамна партиите на власт суптилно го партизираа овој суд, при што се поремети неговата дотогаш горе-долу независна, стручна и непартиска позиција. Реакцијата на тогашниот премиер не беше резултат на инсуфициенција на капацитет за правни работи туку на свесна тенденција оваа институција да се стави под своја „капа“ и контрола. Сетете се дека потоа следуваше нарачана лустрација на уставен судија воедно и претседател на судот која заврши со неуспех.
Голем број од досегашните уставни судии како и оние на кои неодамна им заврши мандатот заборавија или пак не смееја да се „дрзнат“ и да им укажат на политичарите (пред сѐ на оние по чија заслуга станале уставни судии) дека нивната уставна позиција им обезбедува, но истовремено и им налага, при вршењето на уставно-судската функција, строго да се дистанцираат од секаков политички авторитет, особено од оној што моментално е на власт, сѐ со цел континуирано и доследно да ги извршуваат работите од својот делокруг, независно од промените што настануваат кај непосредните носители на власта. Ова дистанцирање мора да се однесува и кон политички субјекти кои се во опозиција. Колку далеку од едните, толку далеку и од другите.
Од друга страна, постојаното повикување на самостојноста и независноста на Уставниот суд, неминовно ја нагласува потребата од професионален однос на уставните судии. Ја нагласува потребата од нивна чесност и одговорност како и потполна ослободеност од сите „хипотеки“ и обврски кон оној или оние што ги предложиле, од оние со чиј благослов дошле на таа позиција. Овие судии не треба да си дозволат бидат заложници на нивните ментори и протежеа. Уставните судии при донесувањето одлука не смеат да си дозволат да ги камуфлираат или релативизираат грешките на политичарите, ниту пак да бараат грешки по секоја цена. Не смеат да си дозволат да бидат повикувани и инструирани како да гласаат по однос на некоја поднесена или поведена иницијатива. Но, за жал досегашното наше искуство покажа тие не останаа имуни на политичкото влијание и притисоци и беа продолжена рака на законодавната и посебно на извршната власт.
Уставниот суд треба да биде последниот бастион за одбрана од арбитрарноста и самоволието на позицијата и опозицијата во една држава. Никој, а најмалку уставните судии, не треба да дозволи нивната институција да стане дневно политичко оперативен орган и да се повинуваат на актуелните дневно политички интереси, потреби и желби. Напротив, нивен императив е да се стремат кон афирмација на правната држава и трајните вредности. За волја на вистината, од она што можевме да го видиме во последниве години во многу ситуации овој суд дејствуваше како политичка институција. Пред секоја негова одлука во позадина, но и јавно се пребројуваа гласовите на уставните судии. Однапред се знаеше (помалку се претпоставуваше) кој како ќе гласа. Ќе биде добро во иднина често пати тенкото уставно судско мнозинство (5:4) без разлика „за“ или „против“ да биде минато. Да стане сон кој нема никој да посакува повторно го сонува.
Исто така, сметам дека би било идеално доколку во иднина ние граѓаните не останеме и понатаму неми сведоци на изживувањето на адолесцентниот период на министрите, директорите и другите високи функционери, аналфабети миленици на лидерите, на желбата по секоја цена и експресно да се донесуваат пиши-бриши закони, да имаме поквалитетен номотехнички кадар и транспарентен номотехнички процес, како и поквалитетен персонален состав на законодавниот дом, наместо партиски војници кои по потреба и наредба ќе го стискаат зеленото или црвеното копче.