ВЕСТ НА ДЕНОТ
На Криволак денеска се изведе најголема мултинационална вежба „Брз одговор 23“ која оваа година се одржува во државава и со која се демонстрира обединетост на НАТО. Вежбата успешно беше завршена од страна на нашата Армија заеднички со три НАТО армии – САД, Албанија и Црна Гора и земја партнер на НАТО – Косово.
На денот за високи гости присуствуваат претседателот на Собранието Талат Џафери, премиерот Димитар Ковачевски, министерката за одбрана Славјанка Петровска, началникот на Генералштабот генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, пратеници, министри, амбасадори од земјите членки и партнери на НАТО, генерали од армијата на САД за Европа и Африка и од НАТО командите, генералите во Армијата, високи воени и цивилни претставници на вооружените сили и министерствата за одбрана на земјите учеснички на вежбата и НАТО, одбранбени аташеи акредитирани во земјава и други гости.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Пендаровски: Доставениот усвоен закон за работни односи нема одредба за 60 часовна работна недела
„Изминатиот петок, на 26.05.2023. ги примив петте закони за изменување и дополнување на постојни закони, а чија што содржина се однесува на изградбата на коридорите 8 и 10Д, во јавноста познати како закони за проектот на државата со американско – турскиот конзорциум „Бехтел-Енка“… Во однос на Законот за изменување и дополнување на Законот за работни односи сакам да ја информирам јавноста дека текстот на усвоениот закон не ја содржи оспорената одредба од Уставниот суд која што предвидуваше дека „работното време на секој работник може да биде во просек 60 часа неделно во текот на годината“. Изминативе месеци дадов неколку јавни изјави дека нема да потпишам указ за прогласување на закон кој содржи одредба што претходно е оспорена од Уставниот суд и во таа насока новиот текст на законот не ја содржи формулацијата „60 часовна работна недела“. Изминативе денови направив низа консултации во однос на уставноста на новиот текст на законот со експерти од областа на трудовото право, со поранешни судии на Уставниот суд и со советниците во мојот кабинет. По сумирањето на различните мислења донесов одлука да го потпишам Указот за прогласување на овој закон, и на останатите четири закони“, изјави претседателот Стево Пендаровски на денешната прес конференција.
ВОЈНА ВО УКРАИНА
Бахмут
Битката кај Бахмут не е завршена, Украина се подготвува за нова фаза од војната – деокупација на територијата под руска контрола
Пригожин
Евгениј Пригожин повторно го поткопува авторитетот на Путин, дали веќе се гледа како негов наследник?
ФЛЕШ ВЕСТИ
РЕГИОН Мисијата на НАТО во Косово, КФОР, го зголеми своето присуство во северниот дел на земјата, населен со мнозинско српско население, откако утрово локални Срби излегоа на протест пред општинските згради во општините, во кои на неодманешните вонредни локални избори, кои Србите ги бојкотираа, победија кандидати на партиите на етничките Албанци.
Е-УСЛУГИ Во Куманово денеска беа промовирани услугите за издавање на уверение за регистрираните податоци во матична евиденција за стажот на осигурување, остварени плати и надоместоци – (уверение за стаж) и издавање на извод од компјутерски запис – образец М1/М2 од пријава/одјава во задолжително социјално осигурување.
СОРАБОТКА Министерот за економија Крешник Бектеши и министерот за надворешна трговија и економски односи на Босна и Херцеговина, Сташа Кошарац денеска во Министерството за економија потпишаа Договор за економска соработка помеѓу Република Северна Македонија и Босна и Херцеговина.
МУЛТИКУЛТУРА
„Граѓански дијалози“ во Гостивар: Општината позитивен пример за мултикултурализам
ЦИВИЛ – Центар за слобода со поддршка од Градоначалникот на општина Гостивар, д-р Арбен Таравари, организираше јавен настан „Граѓански дијалози за односите меѓу заедниците: Предизвици и решенија“ во просториите на Општината.
На оваа граѓанска средба учествуваа претставнички и претставници на граѓанските здруженија, медиумите, локалните институции, бизнис секторот, верските заедници, политичките партии и подмладоци и заинтересирани граѓанки и граѓани.
Настанот го отворија градоначалникот, д-р Арбен Таравари и претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Опозицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ не нуди валиден социо-економски модел на опстојување на државата во состојба на евроинтеграциско лимбо. Нуди само сопствена надеж и сепак туѓа визија за поинаква ЕУ, трансформирана во сојуз на суверени (едно) национални држави по моделот на Орбан, Качински, Салвини и Ле Пен, ЕУ која сигурно би му се допаднала на Путин, и наводно кога тоа ќе го дочекаме, тогаш ќе можеме да ги репреговараме условите за зачленување“, пишува Тони Поповски во „Поларизираните Македонци пред нов крстопат и одлука“.
Подготви: Б. Јордановска