Владата на денешната 44-та седница ја разгледа и прифати Националната програма „2021 – Година во чест на Блаже Конески” и го задолжи Министерството за култура да ја координира реализацијата на оваа Националната програма, која оваа година е дел од календарот важни меѓународни јубилеи на УНЕСКО.
На седницата, информираат од владината прес-служба, е донесен заклучок со кој и се укажува на Народна Банка во рок од пет дена до Владата да достави предлог одлука за изработка на пригодни ковани пари, по повод „2021 – Година во чест на Блаже Конески”.

Министерствата за култура, за образование и наука и за надворешни работи се задолжени да ги реализираат активностите содржани во Националната програма кои се од нивна надлежност, а на останатите институции и установи вклучени во Националната програма „2021 – Година во чест на Блаже Конески” им се укажува навремено и квалитетно да ги реализираат содржините наведени во националната програма, согласно предвидената динамика и да ги финансираат во рамки на сопствените Буџети.
Генералното собрание на Обединетите нации ја прогласи 2021 година за Меѓународна година на мирот и довербата со цел да ги мобилизира напорите на меѓународната заедница да се обезбеди траен мир, солидарност и хармонија.
„Министерството за култура и Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија почнуваат иницијатива за приклучување кон прославата на оваа Меѓународна година со програма посветена на еден од великаните на македонската култура, Блаже Конески, по повод стогодишнината од неговото раѓање.
Денот на кој се родил овој исклучителен културен деец е запишан и на Листата на УНЕСКО за одбележување значајни јубилеи во светот во текот на 2021 година.
Оваа годишнина заслужува сите актери на културниот, академскиот и општествениот живот да ги мобилизираат своите креативни сили за достоинствено чествување на ликот и делото на Блаже Конески. Затоа, Министерството за култура и Министерството за образование и наука подготвуваат платформа за усогласување на различните настани што ќе се одвиваат на национално и на меѓународно ниво.
Мирот и довербата се стожерите на поетската и на научната дејност на Блаже Конески. Неговото монументално дело ги инкарнира овие длабокoхуманистички идеали“, велат од Министерството за култура.
Д.М.












