Од 5 до 8 септември во МКЦ ќе се одржи четвртото издание на скопскиот книжевен фестивал „Друга приказна“. Фестивалот е „скопски“ по местото во кое се одржува, но е регионален по својата природа, а годинава покрај македонските писател(к)и, ќе учествуваат и дваесетина гости од регионот.
„На маргините“ е насловот на главната тема на фестивалот, а една од причините за ваквиот наслов е што годинава се одбележува 25-годишнината на списанието за култура, „МАРГИНА“ и 10 години од порталот ОКНО.
Добитник на главната награда на четвртата „Друга приказна“ е Ненад Величковиќ, писател од Сараево, од Босна и Херцеговина.
На фестивалот ќе се разговара и за
„Се разбира, фестивалската тема реферира и пошироко од книжевноста. Четиридневниот фестивал сакаме да го искористиме и за да разговараме за маргините како физичка или ментална ситуираност или светоглед. За маргините како политички, географски, стратешки, општествен, културен, егзистенцијален, поетички или книжевен феномен. За маргините како трајно засолниште или привремена затеченост (т.е. заточеност, заробеност). За маргините како слобода и како јазичка игра („отстранение“). Итн“, велат организаторите.
„Друга приказна“, меѓу другото, сака да биде и забавен и провокативен фестивал, на кој значајно место имаат и други креативни луѓе, не само оние од светот на книжевноста. Та затоа и оваа година ќе имаме и неколку концерти и изложби.
Целата програма за фестивалот можете да ја погледнете тука.