пишува: Петрит Сарачини
Вакцината е спас од КОВИД-19 пандемијата. А лажните вести, вознемирувачките и тенденциозни наслови кои за клик повеќе и шират паника и недоверба кон вакцината – се можеби најголемата опасност за општеството и неговите шанси да се избори побрзо со болеста.
Погледнете што се случува во јавноста. Само вчера голем дел од публиката беше повторно жртва на неколку такви пропагандистички „мајстории“. А во текот на овие месеци додека трае пандемијата, освен со опасноста од коронавирусот, секојдневно се соочувавме и со оваа појава. Секој ден има барем една, а често и по неколку дезинформации што се шират масовно по портали и социјални мрежи.
Кој и зошто го прави тоа?
Ако ги погледнете „изворите“ на оваа пропаганда, повторно ќе се соочите со речиси истите пропагандни шеми кои го шират омраза, поделби и дезинформации и во други теми важни за сите граѓани. Читавме за ова и во извештајот за лажни вести на Европскиот парламент. Знаеме и зошто. За пари и моќ, за да се добие шанса да се лови во матно и од несреќата на луѓето.
Човек може и да се обиде да го разбере и да го рационализира ова зло. Моќ, пари, слава, можност да се управува со судбини на луѓето… но зарем и за здравје и во една светска опасност, со вирус кој не бира ниту по политичка, ниту по етничка или каква било друга преференција, и кој може да покоси и нивни блиски, семејство, пријатели…?! Зарем се до толку бездушни овие луѓе?
Како што ќе се развива процесот со вакцинацијата, така и ќе се засилуваат овие напади на разумот на луѓето, на нивната доверба во здравствениот систем и институциите, на можноста полесно и побрзо да ја надминеме опасноста.
Ако е вакцината спас од пандемијата, чаре за инфодемијата се менталната хигиена, но и сериозна конфронтација со лажговците и манипулаторите. Тие треба да се посочуваат, разоткриваат, да се објавуваат разобличувањата на нивните манипулации. Но тоа не е доволно.
Јавното здравје е во прашање. Саморегулаторните механизми во медиумите треба многу посилно да се вклучат во оваа борба. А, секако, да не повторуваме по безброј пати, треба конечно да проработат и институционалните механизми за борба против ова зло, особено во правосудството.