На почетокот да идентификуваме дека и денес во просторот меѓу Егејското, Јадранското и Црното море… руските влијанија се присутни, базирани на две романтизирани проекции во историските читанки:
– на сесловенски заштитник во однос на Отоманската империја до Балканските и Првата светска војна и
– на носител на комунизмот по 1945 – иако тој е само идеолошко покритие руското присуство и на Балканот и во Централна и Источна Европа”, рече вели Ивон Величковски, претседател на движењето Нова Република, на панелот „Улогата на Русија во поддршката на големосрпската пропаганда на Западен Балкан“ на меѓународната конференција „Сребреница – совеста на светот“, во организација на Странката за демократска акција.
Во продолжение е излагањето на панелот:
– Во обете романтизирани претстави руското политичко присуство оди паралелно со присуството на Руската православна црква: низ одделните православни цркви на Балканот и спротивставена со Вселенската патријаршија, обидувајќи се Москва духовно да доминира над православниот свет воопшто и на Балканот.
Обидот да се воспостави руското влијание во овој дел од регионот е втемелено на линијата на поделба во екс-Југославија:
– од Словенија до Дрина, на комунистички систем толерантен кон католицизмот и
– од Дрина до Северна Македонија на комунистички систем во кој “кохабитацијата” на православието и исламот цели кон исклучување и маргинализирање на римокатоличките заедници особено присутни во Северна Македонија и Косово.
Погледнато на карта, тоа се земјите на кои денес пледира „српскиот свет“.
Руското преку српското влијание со децении се пласира преку т.н. одбрана на „моралните вредности нападнати од Западот“.
Целта на оваа нарација е да се прикаже дека балканските општества не се западни, односно европски ниту политички ниту културолошки, туку само „економски“.
Затоа, на „српскиот свет“ му се доверува економско-политичката, културолошката… доминација преку распространување на влијанијата особено преку медиумите и социјалните мрежи и медиуми, што треба да го стави во улога на „морална вертикала“, „контролор и репер“ по кој треба да се поставуваат екс-Ју општествата и економско-политичките, образовните и културолошките „елити“ во нив.
И затоа денес општествено-политичките судири особено во Западниот Балкан се втемелени на судирот меѓу про-европските и про-евроатланските со анти-западните и анти-интегративните политички и општествени сили.
Оттука синтагмата „српски свет“ треба да ја согледуваме како продолжение, балканска екстензија на руската пропаганда, односно на „рускиот свет“ или попрецизно обидот што поголем дел од Балканот да биде руска сфера на влијание.
Осцилациите во успехот на интеграциите на балканските општества произлегува и од различните динамики на европските национални политики, на самата ЕУ за целокупното интегрирање на регионот, но и на односот на Унијата со САД.
Конкретната илустрација за ова различните политички динамики од обете страни на Атлантикот и во земјите-членки на ЕУ, особено оние од Централна Европа кои пројавија подготвеност за примирување со путинизмот за времетраењето на руската агресија врз Украина.
Гледано низ оваа призма, борбата на руското влијание во регионот е за држење на БиХ, Србија, Црна Гора, Косово, Северна Македонија… што поназад во европските и евроатланските интеграции при што инструментот е политичко-општественото и економското влијание на “српскиот свет”.
Конкретизирајќи, од овие начини на оперирање на источното влијание потекнува тематско-кадровската и економско-политичката гангрена во општествата особено во Западниот Балкан и особено оние надвор од ЕУ.
Кинеското економско-политичко влијание исто така треба да се има предвид, особено при моменталниот доминантен однос на Пекинг кон Москва, но поради фокусот на темата денес – нема да навлегувам во детали.
Во „оперативна смисла“, еден од инструментите на руското влијание е југо-носталгијата, како романтична верзија на „српскиот свет“ во кој Црна Гора, Северна Македонија, БиХ, Косово треба да останат „заштитени“ од Србија.
Во однос на балканските земји од Источното крило на НАТО, носталгијата кон „советската стабилност“ ги има своите прокси-инсталации, пр. во Романија и Бугарија. Притоа, отпорноста кон руските влијанија е поголема во земјите кои директно се судрени со овие влијанија. Погледнете го примерот на Молдова и Романија.
Во однос на Западниот Балкан, потенцирам дека на земјите означени од интерес во проектот за „српски свет“ им е наменета улогата на „вентили“ на внатрешно-српскиот општествен судир – поради истиот степен на внатрешна општествена, етничка и културолошка различност како на сите споменати балкански нации, наспроти проектираната слика на моноетничност, монојазичност и монорелигиозност на српската нација.
Еднакво како рускиот внатрешен општествен судир, во кој и до формирањето на СССР и по неговиот распад – авторитаризмот се штити со проекцијата за моноетничка и монорелигиска нација кон надвор.
Со овој проектиран непостоечки „стандард“ за извоз на своите внатрешни судири во опкружувањето или со проектирање слика за своја загрозеност под надворешен притисок или со обата методи наизменично – и Белград и Москва форсираат „стандард“ е спротивставен на суштината на нацијата и народот како поими.
Од ова потекнува пропагандното инсистирање дека македонскиот, црногорскиот, српскиот народ се “монорелигиски и културолошки ексклузивни”.
Тоа е основата на пропагандното дехуманизирање на различните од проектираниот пакт на шовинизмот и авторитаризмот со црквата.
Затоа и геноцидот во Сребреница но и сите масакри во војните во Хрватска, БиХ и Косово, заклучно со оние со бомбардирањето цивилни украински цели во овие три години се проектирани и спроведени од клеро-авторитарната коалиција на (пост)комунистичките политичари и генерали благословени од црквата.
Во Украина – со благослов на РПЦ, на Балканот со благослов од СПЦ, кон која денес МПЦ-ОА се уште држи однос на потчинетост за да остане дистантна од православниот свет и Вселенската патријаршија.
Имено концептот на нацијата на граѓани во една суверена држава во која државите ги решаваат меѓусебните разлики согласно меѓународното право – е директно спротивставен на проекцијата за решавање на односите меѓу народите, во која доминантна е силата.
Овој пристап е тестиран со војните во 1990-тите во поранешна Југославија и денес еклатантно е проткаен во тригодишната агресија врз Украина.
И ова ја разобличува претставата за „романтичниот комунизам“ кој всушност во себе го носи етно-шовинизмот во политиката и етно-филитизмот во религиските институции – на кои руското влијание ја гради својата пенетрација во балканските нации.
Кремљ политички и црковно е тивок сојузник на секоја одделна авторитарна власт на Балканот за да ја спротивстави на секоја демократска власт во нациите на Балканот, а потоа да биде арбитар во споровите меѓу авторитарните власти.
За да не се поставуваат овие прашања кои ги разобличуваат вештачките дилеми и странските пропаганди, на пример, главно прашање беше зошто Северна Македонија гласала за поддршката на Резолуцијата на ОН за геноцидот во Сребреница конкретно лоцираше одговорност во конкретен авторитарен режим што го спроведе геноцидот.
А клучното прашање е кому и зошто тоа не би му одговарало? На Балканот и надвор од регионот, но и во Северна Македонија.
Тука се затвора кругот на политичко-медиумско-културолошкото влијание финансирано од екс-југословенските и советските елити кои низ транзицијата и приватизацијата ја одржаа својата позиција партиски и медиумски.
Нивната, односно целта на нивната следна генерација е да го пазарат европското интегрирање на земјите од Западниот Балкан… со одржувањето на својата привилегирана позиција и по интегрирањето на овие национални економии и политики во Унијата на неконкурентна основа. А ако не, ќе продолжат да кокетираат со руското влијание.
Затоа изборот на Брисел и секоја од националните метрополи, но и на Вашингтон, дали ќе продолжат да пактираат со овие „елити“ – е еднакво важен.
фото и видео: ЦИВИЛ Медиа