Американскиот претседател Џо Бајден денеска потврди дека ќе се кандидира за реизбор во 2024 година. Тој преку триминутно видео ја објави својата кандидатура за вториот претседателски мандат. Видеото започнува со еден збор – „слобода“.
Во видео обраќањето 80-годишниот Бајден вели дека сака да ја „заврши работата“ што ја започнал кога земјата ја зафати смртоносната пандемија, кревката економија и затегната демократија, пишува Вашингтон пост.
Прашањето со кое се соочуваме е дали во годините што следат ќе имаме повеќе или помалку слобода, повеќе права или помалку? Знам каков сакам да биде одговорот. Ова не е време за самозадоволство. Затоа се кандидирам за реизбор, истакна Бајден во видеото.
Неговиот слоган за изборите следната година е „Ајде да ја завршиме работата“
Секоја генерација има момент кога треба да застане во одбрана на демократијата. Застанете во одбрана на основните слободи. Верувам дека ова е наше. Затоа се кандидирам за реизбор за претседател на САД. Придружете ни се. Да ја завршиме работата, напиша Бајден на Твитер.
Every generation has a moment where they have had to stand up for democracy. To stand up for their fundamental freedoms. I believe this is ours.
That’s why I’m running for reelection as President of the United States. Join us. Let’s finish the job. https://t.co/V9Mzpw8Sqy pic.twitter.com/Y4NXR6B8ly
— Joe Biden (@JoeBiden) April 25, 2023
Во својата презентација на кампањата, актуелниот претседател на САД вели дека правата на абортус, одбраната на демократијата, избирачките права и социјалната заштита ќе бидат меѓу најважните прашања на гласањето во 2024 година.
Г. Т.