Во третата епизода на шорткастот „Што има ново?“ на ИМА, гостин е Џабир Дерала, истакнат новинар и активист за човекови права и претседател на организацијата ЦИВИЛ, која одбележува 25 години од формирањето, а е препознатлива по промовирање на мирот, човековите права, еднаквоста и мултикултурализмот, и бескомпромисната борба против меѓуетничката омраза и поделби, екстремизмот, насилството и дезинформациите, објави ИМА. За жал, во земјава овие вредности се постојано на удар, констатира водителот Петрит Сарачини на почетокот.
Понатаму, веб страницата ИМА.мк објавува дека, коментирајќи ги последните случувања и разгорувањето на меѓуетнички тензии во земјава, Дерала вели дека тие не се изненадување. „Тоа е ситуација во која политичките ентитети, кои се против нашите евроатлантски интеграции а на кои им е иманентно да бидат националистички и деструктивни, секогаш знаат дека најевтината инвестиција е да вложат во разгорување на етничката омраза, а најголем профит политички добиваат токму од тоа“, оценува Дерала.
Тој зборува и за влијанието на дезинформациите и пропагандата, како и за растот на авторитаризмот, радикалниот екстремизам, национал-шовинизмот и омразата кај нас и во светот. Дерала смета дека прогресивните сили не успеваат да најдат одговор на овие закани, и дека нивното место во одбрана на демократијата во моментот го окупираат политичките сили на центарот и умерениот десничарски блок, се вели во текстот што го придружува видеото објавено на ИМА.
„Едноставно, прогресивните сили ја изгубија битката со самите себе и со своите вредности. Тоа го гледаме прекршено и низ призмата на тоа што се случува со прогресивните сили и во нашата земја. Сметам дека час поскоро мора да се освестат прогресивните сили, за тоа што е ставено во залог во сите овие процеси и жестоки збиднувања на глобалната сцена“, вели Дерала, објави ИМА.
Во разговорот, тој се осврнува и на нападите и заканите кон ЦИВИЛ и реакцијата на институциите, како и на идните активности на организацијата, меѓу кои е и меѓународната конференција „Одбрана на демократијата и човековите права наспроти војната, национализмот и авторитаризмот“ на 11 и 12 декември, објави ИМА.
Извор: ИМА