Денес во Собранието за малку беше избегната тепачка помеѓу лидерот на Левица, Димитар Апасиев и неколку пратеници од ВМРО-ДПМНЕ.
На собраниската седница за пратенички прашања, кога пратеникот на Левица, Реџеп Исмаил му постави пратеничко прашање на премиерот Христијан Мицкоски, ко претходно не било писмено најавено кај претседателот на Собранието, процедурално реагираше координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, кој ги обвини дека го изигруваат Деловникот, по што „попуштија нервите“ на Апасиев, кој задскриен зад неколку пратеници на Левица, од место довикуваше со недоличен вокабулар ( за еден професор и пратеник) и фрлаше предмети (собраниските слушалки за превод) кон пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, кои се собраа пред местата каде што седат пратениците од Левица. Некои од нив тргнаа кон Апасиев, пред кого како жив ѕид во заштита на својот претседател застанаа пратениците на Левица, меѓу кои најжесток во одбраната беше пратеникот Крмов, кој го спречи пратеникот Јованчев од ВМРО – ДПМНЕ физички да се пресмета со Апасиев, кој замавнуваше и пцуеше од зад грбот на сопартијците.
Во насока да спречи вербалниот инцидент да прерасне и во физички реагираше претседателот на Собранието, Африм Гаши, кој го повика обезбедувањето да интервенира и даде 10 минути пауза.
Во целата ука-бука, повторно настрада собраниската опрема, овој пат слушалките за превод, платени од парите на граѓаните.
Драган Мишев