Премиерот посочи дека ако пред две години се соочувавме со пикот на пандемијата која го затвори светот и со недостиг на вакцини, годинава се соочуваме со нова криза, а тоа е недостиг на електрична енергија, скапи енергенси, а сето тоа значи раст на цената на електричната енергија и големи проблеми како за граѓаните така и за стопанството. Тој истакна дека како одговорни политичари и влади имаат обврска пред граѓаните и пред стопанството да обезбедат се што е во нивна моќ и можности да ги направат условите најдобри можни во време на ваква криза.
Токму затоа сме денес тука, заедно со соседна Република Бугарија да се обидеме да најдеме решение за снабдување со електрична енергија во текот на четвртиот квартал од оваа година и првиот квартал од идната година под услови кои што ќе бидат оптимални за стопанството. Ние ги кажавме деталите за она што го имаме како потреба која доаѓа и од Стопанската комора на Северна Македонија заради што и претседателот на Комората беше денес тука и нормално разговаравме за подетални аспекти, рече Ковачевски.Прво, се договоривме заедно со Република Бугарија да формираме веднаш во среда работна група составена од Министерот за економија на нашата држава, Министерот за енергетика на Република Бугарија, како и ЕСМ и другите компании во рамки на Република Бугарија каде што ќе се разговара за техничките параметри во однос на капацитетите и транспортот на електрична енергија. Во однос на цените кои ќе треба да бидат дефинирани согласно легислативата на Република Бугарија согласно директивите на Европската Унија и нормално согласно легислативата на Република Северна Македонија, истакна премиерот.
Ковачевски информираше дека имале состанок којшто бил одржан во духот на добра волја, кој, како што кажал премиерот Донев, траел подолго од предвиденото затоа што разговарале за детали, со фокус на реалните проблеми со кои се соочуваат граѓаните и стопанството.
Во таков дух, со таа добра волја се надевам дека работната група која ќе почне да работи веднаш после празникот во Бугарија, а пред нашиот државен празник, во среда, дека во наредните помалку од две недели ќе имаме решение кое ќе може да биде на двостран интерес и на Република Бугарија и на Република Северна Македонија и на стопанството и на едната држава и на другата држава., изјави Ковачевски на прес конференцијата.