Украина се надева дека Северна Македонија ќе ги признае руските злосторства како геноцид врз украинскиот народ. Македонците, како никој друг во Европа, веројатно разбираат што значи да се биде понижен за нивниот идентитет, изјави Министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, на заедничката прес конференција со Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османо, пренесува Интерфакс Украина.
„Би сакал да изразам надеж дека Парламентот на Северна Македонија ќе донесе одлука за признавање на руските злосторства во Украина како геноцид врз украинскиот народ. Бујар [Османи] наутро го посети градот Ирпин и виде што се случувало. Македонците, веројатно како никој во Европа, разбираат што значи да се биде понижен за својот идентитет, за својот јазик, за својата култура. Токму тоа го доживуваме сега. Русија не ја мрази само соседната држава Украина, Русија го уништува украинскиот идентитет, го мрази и сака да го уништи украинскиот јазик, таа сака да ја уништи Украина“, рече Кулеба.
Централна тема на разговорите беше руската агресија врз Украина и нејзините последици врз украинската држава и граѓани, но и пошироко. Соговорниците се сложија дека во прашање е грубо кршење на меѓународното право и неиспровоциран напад врз суверенитетот на една земја, но и сериозен обид да се уништат темелите на регионалната и глобална безбедност и стабилност.
„Слободата на Северна Македонија и секоја друга европска земја денеска се брани во Украина, и Украина ја заслужува сета почит, помош и поддршка поради тоа“, изјави Османи, појаснувајќи дека Северна Македонија од самиот почеток се придружи кон сите мерки на осуда и санкции против Руската Федерација.