Преку медиумите да се обидеме да произведуваме вредности и добри луѓе, во спротивно ни нема спас, поентираше колумнистот Ненад Јовановиќ во разговорот за Цивил медиа, во кој одговори на неколку прашања кои се однесуваат на медиумите и го засегаат јавниот интерес. Неговите размислувања за кочењето на одлуката за менување на Кривичниот законик со кој нападот врз новинар би се сметал за напад на службено лице, дезинформациите и пропагандата во медиумите како и одговорноста во начинот на известување се критички но со конструктивни забелешки за подобрување на состојбите.
Според Јовановиќ,измените на Кривичниот законик кои на некој начин ќе ја подобрат безбедноста и сигурноста на медимските работници и работнички и ќе ги заштитат од физички напади, се опструирани од опозицијата.
„ Овие опструкции се од минатото, кога власта ги третираше новинарите како крпа, ги дискредитираше и никогаш не ги оставаше да си ја вршат својата работа. Законот мора да се изгласа за да се заштити најголемиот суверинитет а тоа е јавниот интерес за кој се борат новинарите. “, вели Јовановиќ.
За улогата на медиумите во општеството и нивната одговорност Јовановиќ вели:
„Улогата на медиумите е да информираат, да еманципираат и да забавуваат, и во овие три вредносни трактати има огрмна сила на злоупотреба. Има информации кои се очајни, тенденциозни и злонамерни и прават огромна штета“, вели тој.
Што се однесува проблемот со дезинформациите и пропагандата тој смета дека главниот проблем со дезинформациите е тоа што има премногу актери и секој си води на своја страна.
„Секогаш големите пропаганди се во големите политички блокови и секогаш коментарите се брутални, и можат да ја нарушат и личната приватност“, вели Јовановиќ.
Според Јовановиќ, идејата на новинарството е да имаш чувство за послабиот, поранливиот, јавноста да биде сензибилизирана, за таа да има чувство кој е жртва а кој е џелат.
Ана Василевска
камера: Дехран Муратов
монтажа: Ариан Мехмети