Украинските војници под закана со оружје се искачија од разурнатата куќа – едниот со кренати раце за да им се предаде на руските трупи и легнаа со лицето надолу во раната пролетна трева. И тогаш започнува убивањето.
Два беспилотни летала – еден украински и еден руски – ја снимија сцената од високо над јужното украинско село Пјатихатки. Асошиетед прес успеа да дојде до двете видеа. Тие нудат многу различни верзии за тоа што се случило потоа.
Видеото од украински беспилотно летало, кое АП го доби од европските воени претставници, покажува војници вo униформа со руски ознаки како го креваат оружјето и пукаат на секој од четворицата Украинци во грб со таква жестокост што еден човек остана без глава.
„Од сите егзекуции што ги видовме од крајот на 2023 година, тоа е еден од најјасните случаи“, рече Роло Колинс од Центарот за информациска отпорност, лондонска група која е специјализирана за визуелни истраги и го прегледа видеото на барање на АП. „Ова не е типично убицање во борба. Ова е незаконска акција“.
Видеото од руското беспилотно летало, кое АП го лоцираше на про-Кремљ социјалните мрежи, нагло се прекинува во делот каде украинските војници кои лежат на земја сé уште се живи. „Како резултат на работата што ја направија нашите момци, непријателот реши да не биде убиен и излезе со кренати раце“, напиша руски воен блогер кој го објави видеото.
Две видеа. Две приказни. Во едната, затворениците изгледаат како да живеат. Во другиот, тие умираат.
Со оглед на тоа што доказите за потенцијалните воени злосторства продолжуваат да се зголемуваат, многумина во Украина се загрижени дека сфаќањето на војната на администрацијата на Трамп ќе го отежне воспоставувањето цврста историска приказна за тоа што се случило од инвазијата на Русија во 2022 година и дали оние што се најодговорни за злосторствата некогаш ќе бидат повикани на одговорност.
На 13 март, денот кога европските власти соопштија дека се случил инцидентот во Пјатихатки, американските претставници слетаа во Русија на разговори за прекин на огнот со претседателот Владимир Путин.
Претседателот Доналд Трамп, кој сигнализираше дека за потенцијален договор Украина може да предаде одредена територија и застапувајќи ги барањата на Москва, повика на брз мировен договор. Неговата администрација ја повлече поддршката за Украина, вклучително и истраги за воени злосторства, и започна да ги затоплува односите со Путин – токму човекот кој многу жртви и обвинители сакаат да го видат на суд.
Драган Мишев