Вчера во Скопје започна седмиот по ред „Викенд на гордоста“, фестивал за квир-култура и уметност. Носечкиот наслов за овогодишниот викенд, кој ќе се одржува за време на викендите 7 и 9, 14 и 15 јуни, е „Светкави рани“ (Glittering Wounds).
Во 21 часот во Музејот на современата уметност со перформансот настапи Рон Ејти – „Акефално чудовиште“. Рон Ејти е култен уметник кој во последните 40 години направи тектонски поместувања со своите перформанси во рамките на изведувачките уметности и телесните уметности. „Акефално чудовиште“ е соло перформанс сочинет од проекции, читања, предавања, апроприран текст и звук. Најдобро познат по екстремното телесно осакатување, Рон Ејти, се занимава со трансцендентното и возвишеното повеќе од три децении. По „Смртта на Бог“ (познатиот проглас на филозофот Ниче во исчекување на крајот на религијата во западното општество), Ејти верува дека една од улогите на уметникот е да смислува нови форми на ритуал и славење, да го повика светото како противотров за празниот индивидуализам на современиот живот. Во своето ново дело, „Акефално чудовиште“, Ејти се повикува на Акефал, обезглавениот маж, кој послужи како инспирација за истоименото тајно општество на Жорж Батај во борбата против нихилизмот и фашизмот пред Втората светска војна во Франција. Безглавиот или обезглавениот маж претставува моќен симбол за радикална трансформација, водечка сила во сите перформанси на Ејти во кои се залага кон спој на човекот и боговите.
А.М.