Викендов во Скопје започна седмиот по ред „Викенд на гордоста“, фестивал за квир уметност, во организација на Коалицијата Маргини и ЛГБТИ Центарот за поддршка при Хелсиншкиот комитет.
„Целта на серијата настани во рамките на Викендот на гордоста е да создадат простор за, и да промовираат, ненормативни форми на светоградење, односно релации, афекти, идентитетски позиции, телесни стилови и сензибилитети, што во рамките на хетеронормативното, националистичко и неолиберално капиталистичко опкружување се означени како настрани, изопачени, неуспешни, патолошки, чудни…“, велат организаторите.
Фестивалот започна изминатиот петок во Музејот на современа уметност, а оваа година беше отворен со 45 минутен перформанс на Рон Ејти со „Акефално чудовиште“.
Рон Ејти е култен уметник кој во последните 40 години направи тектонски поместувања со своите перформанси во рамките на изведувачките уметности и телесните уметности.
[envira-gallery id=”99710″]
„Акефално чудовиште“ е соло перформанс сочинет од проекции, читања, предавања, апроприран текст и звук. Најдобро познат по екстремното телесно осакатување, Рон Ејти, се занимава со трансцендентното и возвишеното повеќе од три децении. По „Смртта на Бог“ (познатиот проглас на филозофот Ниче во исчекување на крајот на религијата во западното општество), Ејти верува дека една од улогите на уметникот е да смислува нови форми на ритуал и славење, да го повика светото како противотров за празниот индивидуализам на современиот живот. Во своето ново дело, „Акефално чудовиште“, Ејти се повикува на Акефал, обезглавениот маж, кој послужи како инспирација за истоименото тајно општество на Жорж Батај во борбата против нихилизмот и фашизмот пред Втората светска војна во Франција. Безглавиот или обезглавениот маж претставува моќен симбол за радикална трансформација, водечка сила во сите перформанси на Ејти во кои се залага кон спој на човекот и боговите.
По перформансот следуваше забава со музички избор на Дiscorдia.
Фестивалот изминатата сабота продолжи со промоција на книгата „Како да се биде геј“ од Дејвид Халперин, превод на Огнен Чемерски, а изданието е од издавачката куќа Темплум. Промоцијата беше проследена со предавање на Дејвид М. Халперин.
Дејвид Халперин, пионер во ЛГБТК студиите, смело навести дека да се биде геј претставува конкретен начин на постоење што геј мажите мораат да го научат еден од друг за да бидат тоа што се. Инспирирано од истоимениот ноторен предмет од додипломските студии на Универзитетот во Мичиген, каде што го предава Халперин, меѓу другото и со излив на гневни провокации од страна на десничарските медиуми, но и од геј печатот, делото „How to be gay“ ја трасира културната разлика кај геј мажите во општественото значење на стилот.
Истиот ден, во Кино Култура беше изведен „Танц на раце без наслов“ (Untitled Hand Dance) на бојчајлд и „Можеби се работи за нешто минимално“ (It could be something very minimal), кореографија на: Викторија Илиоска, Макс Шмирзиц и Патрик Форо.
Бојчајлд е уметник чиишто перформанси се засноваат на движење, работи со импровизацијата како начин на опстанок и светотворба во повеќезначниот, перформативен простор, каде што бидувањето се среќава со претставувањето. Со своите перформанси настапува на МоМа ПС1, Музејот на модерна уметност во Сан Франциско, Музејот на современа уметност во Чикаго, Куќата на културата (Kulturhuset) – Стокхолм, Музејот на современа уметност во Лос Анџелес, MOMA Варшава, Музејот „Стеделијк“ во Амстердам, Институтот за современа уметност во Лондон, Музејот на современа уметност „Мигрос“, Музејот на современа уметност во Барселона, Биеналето во Сиднеј и Бергхајн. бојчајлд има одржано турнеи со Мики Бланко, а соработува со
Коракрит Арунанодчаи, Ву Цанг, како и брендот за облека „Hood By Air“.
„Можеби се работи за нешто минимално“ (It could be something very minimal) е насловот на долгогодишната соработка на тема перформативно истражување меѓу Викторија Илиоска, Макс Шмирзиц и Патрик Форо, а ги обработува афективните пермутации и модулации на телата и просторот. Проектот е фунгален, расте, се собира и се реоформува од почеток во согласност со барањата на неговата средина и вкрстените тенденции на неговите составни односи.
Вечерта беше проследена со диџеј-сет на Соња Исмаил и забава проследени со проекција на фотографии и изложба на Дел Лагрејс Волкано (Del LaGrace Volcano).
Во неделата во Музеј на современа уметност се проследи перформансот Разговор помеѓу Рон Ејти и Дел Лагрејс Волкано – Квир уметност, политика и тела, а во МКЦ, АУТ (OUT), чиј автор е Рејчел Јанг, со Двејн Ентони (Rachael Young, with Dwayne Antony), во изведба: Рејчел Јанг и Марикискрајкрајкрај.
Викендот на гордоста оваа година се одржа од 7-9 јуни, a ќе продолжи и на 14-15 јуни.
Ангела Петровска