Првиот меѓународен саем Винска Визија, што е дел од програмата на Самитот Отворен Балкан во Белград, завршува денеска. Саемот го отворија тројцата лидери на земјите што ја основаа иницијативата Отворен Балкан, Александар Вучиќ, Димитар Ковачевски и Еди Рама.
Според извештајот на МИА, на „Винска визија Отворен Балкан“ на Белградскиот саем учествуваа речиси 400 производители на вино од 22 земји, од кои 160 од Србија, 26 од Албанија и 47 од Северна Македонија. Покрај земјите-членки на Отворениот Балкан, своите производи во оваа индустрија ги претставија и производители од Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Франција, Чиле, Аргентина, Италија, Романија, Молдавија, Јужна Африка и други. Во фокусот беше и храната како традиција, со пет мастер шефови од Северна Македонија, од Србија и од Албанија.
Манифестацијата го привлече вниманието на купувачи од ЕУ, САД, Кина и други земји од Истокот. На саемот беа претставени и туристичките капацитети на земјите на Отворен Балкан.
Под слоганот „Вкуси го животот” Северна Македонија на саемот учествуваше со 42 винарии и три дестилерии кои промовира преку 300 различни вина и ракии, како и производители на храна кои ја претставува автентичната македонска кујна.
Српската премиерка Ана Брнабиќ, вчера додели награди Вински трофеј Отворен Балкан за најдобра автохтона сорта на Тиквеш за виното Барово-црвено 2019 и Вински трофеј Отворен Балкан за сортата „оранж“ на Камник за виното Оранж-2019. Вината ги оценуваше жири составено од 25 меѓународни судии, од кои пет беа „мастери на виното“.
На вториот ден од одржувањето на Отворен Балкан во Белград се одржа политичкиот дел на Самитот на кој, покрај Димитар Ковачевски, Еди Рама и Александар Вучиќ, присуствуваа и црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ, претседателот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Зоран Тегелтија и министрите за надворешни работи на Унгарија и Турција, Петер Сијарто и Мевлут Чавушоглу.
На Самитот беа попишани договори за механизмите за обезбедување на храна во Западен Балкан помеѓу министрите за земјоделство на трите држави, Љупчо Николовски, Фрида Крифца и Бранислав Недимовиќ.
Исто така, потпишан беше Меморандум за разбирање и соработка во областа на кинематографијата и аудиовизуелните дејности помеѓу министрите за култура од Република Северна Македонија Бисера Костадиновска-Стојчевска, од Република Србија, Маја Гојковиќ и од Албанија, Елва Маргарити. Беше потпишан и Оперативен план во областа на цивилната заштита помеѓу директорите на трите држави.
Премиерот Димитар Ковачевски на отворањето на лидерскиот Самит истакна дека „денес е повеќе од јасно дека Република Северна Македонија, Албанија и Србија со инцијативата Отворен Балкан го направија вистинскиот чекор во клучен момент“
„Се зближивме за да ја унапредиме регионалната соработка на патот кон ЕУ. Заедно со конкретни чекори се посветивме на олеснување на слободното движење на луѓе, стоки, трговија и услуги и ги градевме добрососедските односи… Оваа соработка, денес, отвори пат заеднички да се справиме со предизвиците за обезбедување храна и енергенси, во услови на напорите на сите држави во светот за справуавње со последиците од војната во Украина и пандемијата“ – рече Ковачевски.
На Отворен Балкан со премиерот Ковачевски присуствуваа и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, министерот за економија Крешник Бектеши, министерката за одбрана Славјанка Петровска, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, министерот за правда Никола Тупанчевски, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, кои во Белград имаа бројни билатерални средби.
На Отворен Балкан во Белград се одржа и Македонска вечер на која, освен актуелните политички лидери на Северна Македонија, Албанија, Србија и Црна Гора, беше поканет и идејниот основоположник, поранешниот премиер Зоран Заев, како и министри, дипломатскиот кор предводен од амбасадорот на САД во Белград, Кристофер Хил, бизнисмени од повеќе држави, претставници на македонската дијаспора. Покрај македонските вина и храна, присутните уживаа и во музичкиот настап на Влатко Стефановски, известува дописништвото на МИА во Белград.