Вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата, Љупчо Николовски, го доби судскиот со поранешниот функционер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Делев.
Основниот граѓански суд Скопје, утврди дека Николовски не го наклеветил Делев и не постапувал злонамерно кон личноста на тужителот Делев. Во судската постапка, е утврдено дека Делев не успеал да ја докаже автентичноста на сите изјави изнесени од Николовски, кои се предмет на тужбеното барање, бидејќи за истите нема релевантни докази како аудио, видео-снимка или транскрипт.
Судот утврди дека Николовски, преку своите прес-конференции во улога на дополнителен заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, ја вршел својата службена должност и вршел проверка на сомнежите во незаконитоста на работењето на Христијан Делев, во периодот кога тој бил заменик- министер за земјоделство, шумарство и водостопанство во Владата на ВМРО-ДПМНЕ.
Инаку, спорот се однесува за изнесени наводи од страна на Николовски во периодот на извршување на функцијата дополнителен заменик- министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, а во врска со инволвираноста на Делев во постапките за продажбата на млекарницата „Сведмилк“, ослободување од плаќање на закупнина за „АД Вардар –Градско“ и за „АК Џумајлија“.
Основниот граѓански суд, ги одби како неосновани наводите на Делев за клевета, а Апелациониот суд ја потврди првостепената пресуда на основниот граѓански суд Скопје, со која судот го одби како неосновано тужбеното барање на тужителот Делев, за утврдување на граѓански одговорност за клевета. Врз основа на оваа пресуда, Делев е задолжен да ги надомести трошоците во судската постапка.
Оваа пресуда е доказ дека јавноста има право да знае работата на функционерите, на транспарентен начин без искривување на фактите и вистината, што не треба да се поистоветува со клевета и лажни вести.