Заменик на претседателот на Владата д-р Кочо Анѓушев во понеделник ќе одржи работен состанок со засегнатите страни во проблемите со загубарот „Еурокомпозит“ од Прилеп, се вели во одговорот на портпаролот Миле Бошњаковски, на прашањата на ЦИВИЛ Медиа.
Во одговорот на Владата се вели: „Со цел да се надминат проблемите со кои се соочува Друштвото за производство на производи со посебна намена „11 Октомври – Еурокомпозит“ А.Д Прилеп, постигната е Спогодба помеѓу Еурокомпозит, Синдикатот на друштвото, Синдикат на индустрија, енергетика и рударство (СИЕР) и Владата на Република Македонија. Владата се јавува како гарант за активностите преземени од раководството на „11 Октомври – Еурокомпозит“ и од Синдикатот. Во Спогодбата, Синдикатот се обврза да го стават штрајкот во мирување и да отпочнат со работа, со цел да се запазат роковите за испорака на производи за деловните партнери, додека раководството на „11 Октомври – Еурокомпозит“ се обврза да исплати плата со предвидена динамика.
Владата на Република Македонија ги повикува сите договорни страни што ја потпишаа Спогодбата, да се придржуваат до преземените обврски и активности, со цел да нема застој во работата и исплатата на платата“.