Претседателката на Косово, Вјоса Османи се сретнала денеска со амбасадорите на Германија, Италија и Словенија, со кои разговарала за визната либерализација за косовските граѓани и за зачленувањето на земјата во Советот на Европа, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во соопштението од претседателскиот кабинет се вели дека Османи со амбасадорите дискутирала „за политичкиот развој по состанокот на 13 октомври на работната група на СЕ за визите“, на која, според медиумите, Франција предложила либерализацијата за Косово да се поврзе со системот ЕТИАС, со кој за граѓаните на земјите кои имаат либерализација ќе се внесуваат податоците пред да патуваат во земјите на ЕУ.
– Според претседателката Османи, многу е значајно поддршката да продолжи и сега, кога Косово очекува да се затвори многу значајниот процес на создавање можности за слободно движење на нашите граѓани, процес кој директно влијае на нашите животи. Таа нагласи дека членките на ЕУ треба да ја земат предвид препораката на Европската комисија, која повтори дека нашата земја ги исполнила сите критериуми, се вели во соопштението.
Османи нагласила дека е битно на ниту еден начин да не се дозволи да се воведат нови критериуми за укинување на Шенген-визите за Косово, затоа што, според неа, на тој начин би се негирале човековите права на косовските граѓани и би се наштетило на кредибилитетот на ЕУ.
Во петокот, 14 октомври, Османи ги прими и амбасадорите на петте членки на ЕУ, за кои беше јавено дека го поддржаа условувањето на визната либерализација за Косово – Франција, Шведска, Холандија, Белгија и Австрија.
Проблемот со францускиот предлог за поврзување на либерализацијата со системот ЕТИАС, нагласуваат во Приштина, е што овој систем ниту во земјите на ЕУ не е предвидено да стане функционален пред ноември 2023 година.
Косовскиот вицепремиер задолжен за евроинтеграции, развој и дијалог, Бесник Бислими, на денешната средба со амбасадорот на Франција во земјата, Оливие Гуеро, најави дека Косово годинава ќе аплицира за членство во Европската унија, со цел да се стекне со статусот на земја кандидат, јави дописникот на МИА од Приштина.
Според соопштението од владината служба за информирање, Бислими на средбата со францускиот дипломат изјавил дека „оваа година е многу значајна за Косово кога е во прашање неговата европска агенда“.
– Косово е во шестата година од спроведувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација и е единствената земја од Западен Балкан која сé уште не аплицирала, така што сега е вистинскиот момент да се преземе еден таков чекор, рекол Бислими.
На средбата, се вели во соопштението, станало збор и за добрососедските односи во регионот и за дијалогот меѓу Косово и Србија со посредство на ЕУ.