Годишното обраќање на Иванов, се ограничи на критика кон новата Влада и нејзиниот начин на реформирање на државата.
Владата излезе со соопштение во кое ја анализираше улогата на претседателот Иванов, државничка, наменета за сите граѓани или еднонасочна наменета само за одбраните.
Владата повтори дека обединувањето околу стратешките интереси на Македонија и интересите на сите граѓани се нејзините приоритети.
Но, заклучокот од соопштението е дека претседателот Иванов и тоа како прави исклучоци.
„Наместо општество на заедништво и на обединување во еден историски и клучен момент за Република Македонија, нејзиниот претседател се обиде да го доведе во прашање дигнитетот на институциите на системот со тоа што владеењето на правото и принципот на одговорност на сите без исклучок, пред правдата, го изедначи со реваншизам“, се вели во соопштението.
Владата не изостави да нагласи дека се определи да направи сѐ што може пред Европа и светот да покажат дека делбите остануваат во минатото, а Македонија е земја на граѓани и политички лидери со сериозен демократски капацитет.
„Владата на Република Македонија, доследна на јасниот повик за отворена соработка, во период кога сите политички субјекти и секој политички лидер се повикани да го препознаат моментот што ќе ја одвои нашата земја од изолацијата, ќе продолжи уште посилно да дејствува за стратешки интереси на државата – просперитетна земја за граѓаните и земја членка на ЕУ и НАТО“ стои во соопштението на Владата.
Б.Ј.