Во држава каде што работниците бројат денови до платата, министри од ВМРО-ДПМНЕ трошат десетици илјади евра – на јадење и пиење во луксузни ресторани. Верувале или не, во првите четири месеци од годинава, оваа власт потрошила над 30.000 евра во скапите скопски ресторани. Гозби, ручеци и вечери плаќале речиси сите министри, а сметките кои се достапни на „Отворени финансии“ се запрепастувачки. Одредени исплати се во вредност и по 3.000 евра!, велат од опозициската СДСМ.
„Малку ли ви беа папајата, аспарагусот и егзотичните набавки од 35.000 евра? Дали тоа не беше доволно за владата да се најаде, па требаше уште толку да се потроши и по ресторани? Секој месец оваа година, почнувајќи од јануари, Владата трошела просечно по 10.000 евра од буџетот на кафеани, додека им објаснуваше на работниците дека 400 евра се доволни за живот. Нема пари за плати, но има за гоштевања на министрите. Ова не е расипништво – ова е изживување. Ова не е власт на граѓаните – ова е елита што се изолирала од сопствениот народ“, велат од СДСМ.
Владата во целост ги демантира лажните и манипулативни наводи на партијата СДСМ. Од таму потенцираат дека не само министрите туку и други вработени јадеа во рестораните.
„Ресторанските услуги на бифињата ги прикажува за трошоци за ручеци на министрите. Тоа не се трошоци на министерот Љутков, ниту министерот Муцунски или друг владин министер, туку трошоци за бифињата кои функционираат во рамките на министерствата, кои ги користат и плаќаат и вработените кои плаќаат за услугите. Впрочем во времето на СДСМ оператор на ваквите услуги беше фамозната струмичка компанија Концепт“, соопштуваат од Генералниот секретаријат на Владата.
Од Владата велат дека заврши времето кога министрите од таа партија трошеа брдо пари за скапи луксузирања и кога министри патуваа со владиниот авион до Ниш или до Солун на шопинг.
Д.М.