Во согласност со определбата на Владата на Република Северна Македонија за партнерство со граѓанското општество во процесот на креирање и спроведување политики, како и директно и суштинско учество на граѓанските организации во изготвување на стратешките документи, ќе се формира Мрежа составена од претставници на институциите и граѓанското општество, која активно ќе учествува во процесот на подготовка на националната Стратегија „Едно општество за сите“.
Во периодот од септември до декември 2022 година, Мрежата, преку разни форми на консултации, дискусии, анализи и учество ќе направи детален мониторинг и евалуација и ќе подготви насоки и препораки кои ќе се вградат во новата тригодишна стратегија. Работата на Мрежата ќе биде комплементарна со Координативното тело.
Од Владата повикуваат сите заинтересирани граѓански организации и лица кои сакаат да учествуваат во Мрежата, да се пријават со имејл порака на следната адреса, [email protected] во рамки на која треба да прикачат портфолио на граѓанската организација, односно CV (Curriculum Vitae) за физичките лица на македонски или албански јазик. Рокот за пријавување е 30 август 2022 година (вторник), 16.00 часот.