Владата објави тендер за избор на фирма која треба да изработи софтвер за оцена на медиумското влијание и ќе овозможи да се прави оценување на објавените вести дали се позитивни, негативни или неутрални. Во техничката спецификација на тендерот објавена на страната на Бирото за јавни набавки без да се специфицира предвидениот буџет, стои дека фирмата која ќе биде избрана на тендерот треба да овозможи услуга за оценка на медиумското влијание или клипинг односно следење, селекција, изработка и дистрибуција на објави во печатените, електронските, интернет медиумите и на социјалните мрежи. Софтверот треба да овозможи податоци за медиумот кој ја објавил веста и име на авторот на веста, пишува Сакам да кажам.мк.
Од владата за СДК изјавиле дека тендерот е распишан за да се креираат политики кои се за добробит на јавноста и граѓаните, и за воочување на грешките во работењето.
„Нашата тенденција е да креираме и спроведуваме политики кои се за добробит на јавноста и граѓаните, но и воедно да ги воочуваме грешките во работењето и истите да ги коригираме. Во тој контекст особено влијание и значење за нас имаат медиумите, како еден од најрелевантните фактори со активна улога коректив на власта. Системот пропишан во документацијата не се однесува на оценка на релевантноста на самите вести, туку пораките кои доаѓаат од медиумите во насока на коригирање на можните грешки во спроведувањето на политиките од работењето на Владата“, изјавиле од Владата.
Тендерот е објавен на 5 март, а отворен е до 4 април до кога треба да се поднесат понудите, јави СДК.