Пoранешниот пратеник и висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев, објави пост на социјалната мрежа Твитер споредувајќи ја цената на дизелот во време на владеење на ВМРО-ДПМНЕ и во време на СДСМ.
„Дизелот: Влада на ВМРО: 46 денари , Влада на СДСМ: 68 денари (раст 50 %) Завидлизам. Ни треба НОВА Влада. Итно‼“- вели Ѓорчев во неговиот твит.
Но оваа констатација предизвика лавина реакции од други корисници, кои го потсетија Ѓорчев и на други цени што ги имал дизелот во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, а и на СДСМ. „Лани во април-мај беше 42 денари .и ???“, се вели во еден од одговорите.
Во друг одговор се посочува на цената на горивата во 2012 година, кога дизелот чинел 74,5 денари а бензинот 90 денари, што е далеку повеќе од сегашната цена на дериватите. Трет корисник му вели на Ѓорчев да не брави несоодветни споредби и мешање на баби и жаби.
Очигледно дека се работи токму за тоа, правење на несоодветни споредби и невистинито посочување виновници. Цената на горивата не зависи ниту од владите на СДСМ, ниту од тие на ВМРО-ДПМНЕ, туку од цената на нафтата на светските берзи.
Малку е веројатно дека Влатко Ѓорчев не знае дека цената на горивата зависи од светските берзи, но ете, сепак, се обидел да протури ваква манипулација во јавноста.
Но, од друга страна, охрабруваат реакциите на публиката, која ги разобличи овие манипулации и дезинформации и покажа дека – не пие нафта.
Петрит Сарачини