Пратеникот на СДСМ Миле Талески денеска на прес-конференција изјави дека ВМРО-ДПМНЕ ја попречува работата на институциите во спроведување на мерките за справување со заканите за поставени бомби во училиштата.
Јавните настапи на претставници од ВМРО-ДПМНЕ, како на пример Весна Јаневска која повикува на непочитување на новите протоколи е директно поткопување на дејствувањето на надлежните институции во борбата против хибридните напади. Безбедносна на учениците и обезбедување непречен образовен процес се најважни и новите протоколи за постапувањето, изработени од експерти, се во оваа насока, истакна Талески.
Според него, „благодарение на таквиот пристап веќе четири дена наставата се одвива без прекин, а безбедноста на учениците и наставниците е загарантирана. Обезбедено е и соодветно присуство на полицијата во училиштата“.
Она што загрижува и што отвора сериозни сомнежи е деструктивното однесувањето на ВМРО-ДПМНЕ директно поврзани со поткопување на работата на институциите, додаде пратеникот на СДСМ.
Талески, кој е и претседател на Комисијата за одбрана и безбедност, потврди дека Министерството за внатрешни работи има сознанија за тоа од каде доаѓаат дојавите, а покрај од трети земји, дел од нив се и од македонска територија.
Однесувањето на ВМРО-ДПМНЕ отвора сериозен сомнеж за нивната улога. Дали ВМРО-ДПМНЕ на некаков начин е поврзаната со внатрешните соработници? Дали ова се причините за вакво деструктивно постапување на ВМРО-ДПМНЕ, партијата која е во целосно заложништво на Левица, запраша тој.
Талески смета дека „со своето крајно неодговорно однесување ВМРО-ДПМНЕ застанува зад хибридните напади чија цел е создавање немир, тензии, недоверба и чувство на страв кај граѓаните. Ова не е и не смее да биде тема за дневна политика, се работи за безбедноста на училиштата и наставниот процес“.
ВМРО-ДПМНЕ треба да престанат да ја опструираат и поткопуваат работата на институциите кои работат на обезбедување целосна безбедност на децата, на неутрализација на проблемот и овозможување непречена настава, заклучи пратеникот Талески на прес-конференција.