Според медиумските најави, претседателот на Собранието Талат Џафери в петок ќе го свика продолжението на седницата за разрешување на Јавниот обвинител Марко Зврлевски, со што треба конечно да започнат реформи во „Сваровски-судството“, но опозицијата најавува понатамошни опструкции
Иако спикерот Талат Џафери најави дека пратениците ќе одат на одмор по 6 август и порача дека дотогаш ќе се завршат предвидените задачи во Собранието – продолженијата на седниците за избор на носители на функции, за измени на Кривичниот законик, за ребаланс на буџетот, и иако мнозинството смета дека до разрешување на Зврлевски ќе дојде и без договор со опозицијата која е против неговата смена и ги користи сите расположливи средства за опструкција на работата на парламентот, од пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ порачуваат дека „планот и желбите на мнозинството се една работа, но реалноста е поинаква“
Од најавата на ВМРО-ДПМНЕ, со која порачуваат дека ребалансот на буџетот им е приоритет, и дека очекуваат до одморите одржување и на итна собраниска седница за Договорот со Бугарија, лесно може да се изведе заклучок дека ќе се продолжи со опструкциите и со „одбраната“ на Зврлевски, па и со обиди неговото разрешување да се пролонгира барем до крајот на август.