Aктивистите и симпатизерите на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ водат агресивна предизборна кампања против мигрантите. На Фејсбук страната на Унија на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ во Штип, беше објавена фотомонтажа на деца-мигранти во муслиманска облека и девојчиња со шамии, а над фотографијата испишан текст: „Еден училишен ден по доселување на мигранти. Ќе дозволиш ли вака да изгледа идното образование“.
Иако и Владата и Министерството за труд и социјална политика демантираа дека ќе се градат нови прифатни кампови за мигрантите, од УМС на ВМРО-ДПМНЕ, Штип, вака ја започнаа изборната кампања за локалните избори кои ќе се одржат на 15 октомври, и тие со јазик на омраза, ги повикуваат штипјани да го „одбранат“ градот од мигранти и од двојазичност?!
„Нашиот глас ќе значи дека сме против нашиот град да има мигранти, дека сме против да зборуваме албански, дека сме против нашите деца да учат искривена историја. Во изминатиот период, видовме дека зборот на СДСМ не значи ништо и вреди обична нула. Видовме дека нивните слатки зборови во предизборна кампања се само за доаѓање на власт, а потоа забораваат на граѓаните, затоа ова е историска шанса да ги казниме лажачите, манипулаторите и предавниците“.
На оваа објава реагираше Јасмин Реџепи од невладината организација „Легис“, кој на својот Фејсбук профил напиша: „Ете, кој сее говор на омраза, ксенофобија и исламофобија! Сите унии и комитети вршат ваква пропаганда? Истиве треба да се повикаат на одговорност при следниот инцидент и напад врз бегалци на територијата на Македонија!“.
ЦИВИЛ Медиа се обиде да стапи во контакт со претставници на ВМРО-ДПМНЕ, но телефоните на партијата не функционираат. На пораката што ја испративме на Фејсбук страницата на УМС на ВМРО-ДПМНЕ од Штип, добивме автоматски одговор дека ќе ни биде одговорено по една недела.
Во меѓувреме, спорната фотографија со обидот за манипулација со јавноста, исчезна од Фејсбук страницата на УМС на ВМРО-ДПМНЕ, Штип.
ЦИВИЛ Центар за слобода го осудува говорот на омраза и потикнувањето на етничка и религиска нетрпеливост.
Д. Муратов