Оваа година за првпат во Скопје ќе се одржи фестивалот Summerland 2019. Од 4 јули – 28 јули во срцето на Градски парк со главна бина на Школка, секојдневно ќе има богата музичка програма и забавни активности за сите возрасти.
Покрај музичките изведувачи кои ќе настапуваат секој ден, во склоп на фестивалот ќе има и фанзона со друштвени и видеоигри, флипери, фудбалчиња и табла. За најмладите ќе има детско катче со едукативни и забавни настани, а предвидени се и изложби, цртање во живо, часови по танц, спортски активности, панел-дискусии, кино на отворено и уште многу содржини кои ќе го направат летото во Скопје незаборавно.
Отворањето на Summerland е во четврток (04.07), а забавната програма ќе се одвива секојдневно од 18:00-00:30 часот. Летната забава на Школка, в четврток ќе започне со групата „Нокаут“, а викендот е резервиран за трибјут-настапи. Во петок – ЕКВ, Бјиело дугме трибјут и Ѓорѓе Балашевиќ трибјут, во сабота и во недела пак, странски артисти кои прават светски шоуа со трибјути на Арктик манкис и Џо Кокер и Ајрон Мејден и Металика. Фестивалот Summerland е под покровителство на Град Скопје.