Во Египет започнува клучна конференција за климата на Обединетите нации во услови на геополитички тензии и низа меѓусебно поврзани кризи, кои ги намалуваат очекувањата за голем напредок, пишува германската агенција ДПА. Двонеделниот настан COP27 се одржува во египетското одморалиште Шарм ел Шеик на Црвеното Море, во време на војна во Украина, што доведе до зголемени цени на храната и енергијата.
Конференцијата се одржува и откако климатските катастрофи однесоа огромен број животи на повеќе локации низ светот. Претставници од околу 200 земји ќе разговараат како сè уште да се спречи глобалното затоплување и како да се финансира поправката на штетите предизвикани од климатските промени.
Развиените земји се обврзаа во 2009 година да обезбедуваат 100 милијарди американски долари годишно за заштита на климата во посиромашните земји до 2020 година. Оваа обврска во голема мера останува неисполнета. На состанокот ќе се разговара и за тоа како глобалното затоплување може да се ограничи на пораст на температурата за 1,5 степени Целзиусови, што е целта на Парискиот договор од 2015 година.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш претходно оваа недела предупреди на неуспехот да се постават амбициозните цели потребни за борба против климатските промени. „Еден и пол степен е на интензивна нега, а машините се тресат. Затоа тој е во голема опасност“, изјави Гутереш.
Египет го промовираше COP27 како самит на делувања и ги предупреди климатските актери да не го менуваат своето мислење за претходните ветувања. На дводневниот самит за климата утре ќе пристигнат и светските лидери.
На маргините на глобалните преговори, во мекои денови на конференцијата ќе се разговара за посебни теми како што се финансиите, декарбонизацијата, водата, земјоделството и енергијата во однос на климатските промени.
Разговорите во Египет претставуваат нивно враќање во Африка откако COP22 се одржа во 2016 година во Мароко, на северниот дел од континентот. Туристичкиот центар Шарм ел Шеик беше речиси целосно реновиран за конференцијата, што вклучуваше воведување електрични автобуси на неговите зелени улици.